Американците се јасни: „Мал Шенген“ да, ама со Косово

Амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел, кој е специјален пртеник на американскиот претседател Доналд Трамп за разговорите меѓу Белград и Приштина, ја прокоментира иницијативата за „балкански Шенген“.

Иако ја поздрави иницијативата „балкански Шенген“, истакна дека иницијативата би можела да биде успешна ако се вклучат сите од регионот, а тоа значи и Косово.

„Ја поздравуваме иницијативата за „мини-Шенген“ на Западен Балкан како начин да се започне слободно движење на луѓето и стоката. Веруваме дека оваа иницијатива, за да биде успешна, мора да ги вклучи сите во регионот, вклучително и Владата на Косово. Администрацијата на Трамп е насочена кон помош на целиот регион во создавање економски прилики и работни места за младите“, се наведува во соопштението на американската амбасада во Берлин.

Заедничката иницијатива на лидерите на три балкански земји, Северна Македонија, Албанија и Србија за „балкански Шенген“, поттикна реакции и несогласувања на релација Тирана и Приштина.

Деновиве се одржа состанокот во Охрид, по првата средба на 10. октомври во Нови Сад, на кој исто така беа повикани Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Косово одби учество, опишувајќи ја иницијативата како обид за ново создавање на Југославија, додека Црна Гора беше воздржана.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, изјави дека Косово не сака евро-атлантската иднина да ја замени со ниту една регионална иницијатива.

Лидерот на движењето Самоопределување Албин Курти, кандидат за косовски премиер, изјави дека е направена грешка во чекорите во врска со регионалната иницијатива за слободно движење на луѓе и стока, бидејќи Албанија морала да почека со создавање на новата влада на Косово пред било која регионална иницијатива.

Албанскиот премиер Еди Рама го критикуваше Косово поради самоизолација, нагласувајќи дека иницијативата има за цел само слободно движење на луѓе ширум Западен Балкан.