Американците паднаа, Австралија сака нешто големо на Мундобаскет


Австралија успеа да ја совладаат селекцијата на САД прв пат во својата историја. Тоа наедно е и првиот пораз на Дрим тимот од 2006 година и полуфиналето со Грција на СП во Јапонија, а херојот на големиот триумф, иако станува збор за пријателски натпревар, беше Австралиецот Пети Милс.

Тој со своите соиграчи најавија ултра интересен Мундобаскет во Кина (31 август-15 септември), откако покажаа дека составот со кој САД ќе настапи на ова СП е повеќе од ранлив. Пред два дена Американците славеа со 16 разлика против Австралија, а утринава двете репрезентации го одиграа вториот пријателски меч во кој Австралија славеше со 98-94.

Пред повеќе од 50.000 луѓе на трибините на стадионот Марвел во Мелбурн, плејмејкерот Милс го предводеше својот тим со 30 поени, а по победата, секако, беше воодушевен.

„Одлично чувство. Имавме неверојатна поддршка. Игравме агресивно и покрај тоа што имавме многу проблеми во играта. Искрено сум горд што ги претставувам овие бои и ги презентирам на овој начин. Ние го правиме тоа како тим, како најдобри другари. Едноставно излегуваме и играме за навивачите“, истакна Милс и потоа ги даде своите очекувања за Мундобаскет: „Тоа е процес, нашиот тим треба да размислува чекор по чекор, не смееме да брзаме. Оваа победа беше еден чекор кон нашата крајна цел, кон напредок. Ние сакаме да направиме нешто големо на СП – да испишеме историја“, објасни Милс.

Селекцијата на САД во Кина ќе игра во група со Турција, Чешка и Јапонија, додека Австралија е  во „групата на смртта“ со Литванија, Канада и Сенегал.

Овој состав на САД предводен од селекторот Грег Поповиќ сигурно не најсилниот кој САД може да го имаат. Бројни асови како Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Стеф Кари, Џејмс Харден, Ентони Дејвис…одбија да играат подготвувајќи се за клупската сезона. Речиси е извесно дека тие ќе бидат дел од тимот на претстојните Олимписки игри во Токио 2012 година.

Поповиќ со кошаркарите кои ги има во ростерот почна да работи на создавање на тимскиот дух со цел неспорниот талент со кој располага (и покрај откажувањата) да го обедини во моќна екипа. Но тоа е подолг процес, кој обично не завршува успешно преку ноќ. Играчите кои го носат американскиот дрес, а меѓу нив и осмиот најплатен во светот, Кемба Вокер, тоа го научија на болен начин во Мелбурн. Во средината на третата четвртина САД водеа со десет разлика (68:58), но потоа почна шоуто на Милс, кој игра токму во Сан Антонио кај Грег Поповиќ. Тој го најави пресвртот кој го искреира во тандем со колегата од НБА, Џо Инглс, кој постигна 15 коша, но и со поддршка на Ендрју Богут кој реализираше 16 поени. Кај САД најефикасен беше Вокер со 22 коша, Харисон Барнс со 20 и Донован Мичел со 12.