Америка го спречува рускиот канал во Бугарија
Бугарските политички лидери ги поздравија санкциите на САД и сега тврдат дека никој од нив немал ништо со озлогласените личности од американската црна листа
Пред десетина дена бугарскиот член на историската комисија, Кирил Топалов, изјави за Македонија: „Ако нереформираната тоталитарно-комунистичка држава се приклучи на ЕУ, тоа ќе биде Тројанскиот коњ на Русија и сите сили што сакаат да ја дестабилизираат Европската унија“. Но работите биле сосем поинакви, барем според наводите на Вашингтон.
Во средата, преку одлуката на администрацијата на Џо Бајден за санкции за шестмина Бугари и 64 компании, Вашингтон посочи дека со тоа сакаат да ги спречат „плановите за создавање на канал за руските политички лидери да влијаат на бугарската влада“.
Одлуката за санкциите за поранешни високи функционери, сите обвинети со еден заеднички збор – корупција, ја разнесе во парчиња бугарската политичка сцена пред изборите на 11 јули и сега секој сака да излезе со помалку лузни. Сите сега немале никакви сомнителни контакти со озлогласените, ниту пак примиле некакво мито.
Службениот бугарски премиер, Стефан Јанев, рече дека бил информиран од потсекретарот на САД за политички прашања, Викторија Нуланд, по телефон за овој потег. САД тоа го претставиле како дел од напорите за ефикасна борба против корупцијата во Бугарија.
Бугарија е рангирана како најкорумпирана земја членка на Европската унија, според индексот на „Транспаренси интернешенел“. Ројтерс наведува дека Бугарија повеќепати беше критикувана од Европската комисија за неуспехот да ја искорени корупцијата и да стави барем еден висок функционер зад решетки поради мито.
Со санкциите се замрзнува каков било имот во САД на поранешниот пратеник и медиумски магнат Делјан Пеевски, поранешниот функционер во тајната служба, Илко Желјазков, и бегалецот коцкарскиот орлигарх кој е во бегство Васил Бошков. На Пеевски, Желјазков и уште тројца поранешни функционери, исто така, им беше забранет влез во САД.
Владата на САД го обвини Пеевски за влијанија со продажба и мито, а Желјазков бил негов фаворит за спроведување на шемите за мито. Пеевски негираше дека направил злоупотреба и се закани дека ќе преземе правни активности во врска со санкциите во САД. Бошков рече дека одлуката за воведување санкции го игнорира неговиот сопствен статус на жртва на изнуда.
Лидерите на бугарските политички партии ги поздравија санкциите, а првиот човек на протестната партија Има таков народ, Слави Трифонов, ги нарече „пријателска рака од партнерот“.
Поранешниот премиер Бојко Борисов, кој беше обвинет од неговите политички противници за слабеење на државните институции во корист на олигарсите, денеска ги поздрави санкциите и негираше каква било поврзаност со луѓето кои се на црната листа.
„Не добивме ниту една стотинка од Бошков… Се среќавав со Пеевски само за да разговараме за политички теми. Немаме заеднички компании или каков било заеднички бизнис“, рече Борисов.
Во еден амбивалентен одговор Европската унија денес соопшти дека нема да преземе контрамерки против Соединетите Држави во врска со санкциите против шесте бугарски државјани. Ова го изјави портпаролот на Европската комисија како одговор на прашањето дали Брисел ќе бара објаснувања за постапување против европските граѓани и компании.
„Санкциите на САД не функционираат во ЕУ и не ги врзуваат земјите на ЕУ. Значи, нема ништо што би ги оправдало нашите противмерки. Ова се санкции на САД против луѓе за нивните активности во или со САД”, рече портпаролот, нагласувајќи дека ЕУ има „свој правен поредок“.
Европската комисија изрази очекување дека во Бугарија трајно ќе бидат изречени конечни пресуди за корупција на високо ниво.
„Бугарија треба да го заврши спроведувањето на препораките на Европската комисија во извештајот на Механизмот за соработка и верификација во 2019 година. Има незавршена работа“, рече портпаролот на Комисијата.
ЕУ, која се жалеше во минатото во врска со санкциите на САД поврзани со Иран и Куба, рече дека санкциите за Бугарите „не важат за територијата на ЕУ… затоа нема ништо што би можело да нè оправда да преземаме какви било контра мерки“.
Бриселски „Политико“ денеска пишува дека и покрај општите критики на ЕУ за корупцијата во Бугарија „претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германската канцеларка Ангела Меркел замижаа пред падот на владеењето на правото во најсиромашната држава на ЕУ во последните неколку години. Поранешниот премиер Бојко Борисов, кој доминираше во политиката на земјата една деценија, беше нивен близок сојузник на политичката сцена во ЕУ во десноцентристичката Европска народна партија и никогаш не беше ставен на испит поради судските пропусти на неговата земја“.
Четворица многу познати бугарски аналитичари, Димитар Бечев, Огњан Минчев, Евгениј Дајнов и Петар Чолаков, денеска ги оценија санкциите на САД како „удар против мафијата во Бугарија“ и против јавниот обвинител. (Љ.П.)