Америка го претстави новиот нуклеарен бомбардер „Б-21“

Првиот нов бомбардер по 30 години би чинел 700 милиони долари секој и може да носи нуклеарно и конвенционално оружје


 

Воздухопловните сили на САД го претставија својот најнов нуклеарен стелт бомбардер „Б-21“, кој постепено ќе ги замени авионите кои први летаа во Студената војна.

Првиот нов бомбардер по 30 години би чинел речиси 700 милиони американски долари секој и може да носи нуклеарно и конвенционално оружје.

Како што се очекуваше, конкретните детали за авионот остануваат под тајност.

Но, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека тоа е „доказ за трајните предности на Америка во генијалноста и иновативноста“.

„Б-21 Рајдер“ беше претставен за време на церемонијата во петокот во објектот на производителот „Нортроп Груман“ во Калифорнија.

Остин рече дека авионот ќе понуди значителен напредок во однос на постоечките бомбардери во американската флота, наведувајќи дека „дури и најсофистицираните системи за воздушна одбрана ќе се борат да го откријат ‘Б-21’ на небото“.

„Педесет години напредок во технологијата со ниска забележливост се појавија во овој авион“, рече тој.

Тој додаде дека авионот бил изграден и со „архитектура на отворен систем“, што овозможува вградување на „нови оружја кои сè уште не се ни измислени“.

Иако потенцијалот за лет без екипаж не беше споменат за време на церемонијата, портпаролката на американските воздухопловни сили рече дека авионот е „обезбеден за можноста, но нема одлука да лета без екипаж“.

Првиот лет со „Б-21“ се очекува да биде идната година.

На крајот ќе ги замени моделите „Б-1“ и „Б-2“ и се проценува дека флотата ќе чини 203 милијарди долари за развој, купување и работа во текот на 30 години, според Блумберг.

Шест авиони во моментов се во производство, рече производителот, додавајќи дека тие ќе ја прикажуваат „следната генерација на ‘стелт’“ и дека користи неодредени „нови производствени техники и материјали“.

Воздухопловните сили на САД планираат да набават најмалку 100 од авионите.