АмЧам одржа Генерално собрание и избра четири нови членови на Одборот на директори


Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) денеска го одржа своето 22-ро Генерално собрание на кое беа избрани четири нови членови на Одборот на директори и беше направен преглед на најзначајните реализирани проекти и активности од годината што изминува.

На Собранието се обрати американската aмбасадорка во земјава Анџела Агелер, која се заблагодари на членките на АмЧам и истакна дека тие претставуваат значајна врска која ги спојува економиите на САД и Северна Македонија. Таа им посака успешна работа и уште многу реализирани активности со кои ќе се поддржи развојот на локалната економија и ќе се воспостави регионалната соработка, како клучен фактор за понатамошен развој на целиот регион.

Претседателот на Одборот на директори на АмЧам, Драган Давитков во своето обраќање се осврна на важноста од насочена соработка меѓу различните чинители во државата и развојот на одржливи регионални партнерства и иницијативи.

– Како бизнис асоцијација ние сме ориентирани кон градење на партнерства со Владата, бизнисите и меѓународните организации, но исто така и со невладиниот сектор и донаторската заедница. Ние веруваме дека само со здружени напори, усогласени приоритети, транспарентни процеси и мерливи резултати можеме да се издигнеме над кризите кои што светот ги искусува. Ние како земја долго време зборувавме за важноста на градење мостови, а сега е времето да почнеме да преминуваме преку тие мостови и да ги оствариме зацртаните цели, рече Давитков.

Во работниот дел на Генералното собрание, покрај останатите тековни одлуки, повеќе од 70 членки на асоцијацијата гласаа и за избор на нови членови на Одборот на директори. Со најмногу гласови од присутните, мандатот од две години им беше доделен на Андреј Петрески (Циско), Иван Новаковски (НОВА), Ламбро Патче (Пивара Скопје) и Славко Пројкоски (Македонски Телеком).

Пред членките на Комората беа претставени и извештаи за тековното работење, а извршната директорка Јелена Арсовска, менаџерот за политики Бобан Брагорски, заедно со претседавачите на секторските комисии Андреј Петрески, Фросина Гечева Кочова и Александра Ивановска, направија преглед на најзначајните проекти и активности кои беа реализирани во изминатата година и претставија дел од темите на кои ќе биде посветено значајно внимание во периодот што претстои.

Членките на асоцијацијата ја потврдија заложбата дека АмЧам Северна Македонија продолжува да работи на подобрување на општата бизнис клима во државата како доверлив партнер на компаниите, институциите и граѓанскиот сектор.