Амбициозниот план за Расадник во Кисела Вода доцни една година, ќе влезе во изборната 2025

Општината лани во ноември изјави дека ДУП-от за Расадник ќе се прави во 2024, а сега најавуваат дека тендерот за планерска куќа ќе биде распишан во 2025


Едно од првонаградените решенија за населбата Расадник

 

Реализирањето на големиот проект за новата амбициозно најавувана населба во скопската општина Кисела Вода би требало да почне да се спроведува во 2025, последната година од работата на овие општински власти. Попрецизно кажано, да почнат „техничките подготовки“ за помпезно најавуваниот проект.

Со задоцнување од една година од најавеното, Општина Кисела Вода најавува дека на почетокот на 2025 ќе распише тендер за избор на планерска куќа која треба да го изготви новиот Детален урбанистички план за Расадник, што е првиот предуслов за изградбата на целиот тој празен простор. 

Општина Кисела Вода за овој простор, на само неколку километри од центарот на Скопје, распиша меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП Расадник. Два од вкупно пет пристигнати труда освоија еднаков максимален број на поени и рамноправно го поделија првото место на конкурсот за идејно решение. Идејните решенија беа презентирани пред 13 месеци, лани во ноември. Тогаш беше речено дека концептот на новиот ДУП ќе почне да се изготвува на почетокот на 2024 година, кога на тендер ќе се избира и планерската куќа.

„Во периодот што следи, по донесувањето на буџетот на Општина Кисела Вода за 2025 година, ќе биде распишан тендер за избор на планерска куќа која ќе го изготви новиот Детален урбанистички план (ДУП) за Расадник. Новиот план ќе се базира на добиените победнички решенија од Меѓународниот конкурс за идејно решение, кои беа презентирани во ноември 2023 година“, одговорија од Општина Кисела Вода за „Независен“ на прашањето што се случува со проектот.

Оттаму сметаат дека, со овој ДУП, се предвидува создавање на услови за хумано живеење за жителите на Расадник. Ќе се обезбеди значителна застапеност на зеленило, јавни објекти и содржини кои се неопходни и побарани од граѓаните.

„Општина Кисела Вода останува посветена на реализација на овој важен проект кој ќе донесе целосна трансформација и подобрување на урбаното живеење во Расадник“, додаваат од општината.

Но, колкава е таа посветеност, останува да видиме следната година. Следната година се и редовните локални избори, во октомври, а актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, не ја крие намерата да се кандидра за прв човек на Градот Скопје.

Тој гордо изјавуваше дека за првпат по планот на Кензо Танге за обнова на постземјотресно Скопје во 1965 година, Општина Кисела Вода распишала меѓународен конкурс за избор на идејниот лик на ДУП-от за Расадник, а резултатите беа презентирани во ноември 2023 година во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Тој можеби чека да седне во столчето на Скопје за Расадник да го прикаже како континуиран труд.

Сега пак, една година подоцна, ни фотографиите ни плановите на наградените идејни решенија ги нема повеќе во холот во Домот на културата, а Расадникот во меѓувреме доживеа и пожар. Според официјалните информации дел од просторот беше потпален од деца кои фрлале петарди. Штетата беше материјална, немаше жртви, освен неколку настрадани животни, меѓу кои и куче, кое беше згрижено во ЈП „Лајка“, а за наговото заздравување донираа загрижени граѓани.

Расадникот, кој е со големина речиси колку Градскиот парк, и кој бил дел од еден дамнешен план за три големи паркови кои долго време претставувале бели дробови на главниот град, треба да се урбанизира, но тоа, по традиција, во Македонија значи да се бетонизира, да се изградат згради за домување, трговски центри и по некоја јавна институција како градинка, училиште, амбуланта, полициска станица.

Идејните решенија за населбата во Расадник веќе ги нема во холот на Домот на културата „Билјана Беличанец“

Жителите на Кисела Вода со нетрпение очекуваат што побрзо да се расчисти овој простор и да заличи на централно јадро, каков и што е според местоположбата. По должина на Булеварот „Борис Трајковски“, од спротивната страна веќе се изградени безброј згради, од другата страна, последните десетина години, никнаа повеќе станбени згради. На потесниот крај на просторот на Расадник има неколку помали индустриски објекти на фирми, а пред него е и салата „Расадник“, кој неодамна почна да се обновува.

Еден од поважните проблеми со кои треба да се справат општинските власти е на кој начин ќе треба да ги обесштетат многуте сопственици на  земјишните парцели во Расадник. Во разговор со некои од нив тие велат дека очекуваат соодветни надокнади, можеби во станови или нешто друго. Што и да биде тоа ќе бара сериозна финансиска надокнада. Од Општина Кисела Вода досега не објавија на кој начин ќе го решаваат овој сериозен предизвик.

Расадникот одамна не го оправдува своето име – простор каде се одгледуваат растенија за расад, туку долго време функционираше како овоштарник каде растеа шипинки, круши, сливи и други овошки. Речиси целиот простор е обраснат со грмушки, па тешко се стигнува и до тие останати овошни дрвја. Расадникот е дивина во сред град, а фотографии објавени од луѓето кои живеат околу овој простор сведочат дека неретко се користи и за исфрлање шут од реновирање станови.

Што предвидуваат наградените проекти?

За 80 отсто е намалена станбената површина со конкурсните решенија кои стигнаа на Меѓународниот конкурс за уредување на неизградениот простор кај Расадник кој го распиша Општина Кисела Вода. 

Деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, кој беше претседател на комисијата за оценување на пристигнатите трудови, при презентацијата на планот рече дека со трудовите по кои ќе се прави ДУП-от во Расадник се предвидва хуман живот и сите потребни јавни објекти.

„Не се работи за тоа колку згради сега ќе има, туку за квалитетот на живот. Двете првонаградени решенија го штитат јавниот интерес и овозможуваат хумано планирање на просторот. Ако претходно имавме огромен број станбена површина што Расадник ќе го претвореа во една спална соба без никакви содржини, сега имаме решение кое ги предвидува сите ситуации, градинка, училиште, паркови, улици и слично“, рече Марина.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тогаш рече дека со конкурсот се финализира проект кој, според него, претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското делување во Македонија, бидејќи тој овозможува одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на урбаната заедница Расадник.

„Предлог планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура во делот кој денес е зелена површина односно неизградениот дел од Расадникот предвидуваше 99 згради и речиси 1 милион м2 станбена површина додека за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од околу 10,000 м2. Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс, сите денес изложени решенија, како што може и сами да видите, имаат над 100.000 м2 зелена површина односно Кисела Вода и Скопје добиваат нов Градски парк со површина од над 100.000 м2, што е за 10 пати поголема зелена површина од предложениот Урбанистички план во 2020 година“, рече Ѓорѓиевски лани во ноември.

Сепак, една година подоцна, нема најави за почеток на средување на овој простор. 

На Меѓународниот конкурс победија проектите на проектантска куќа од Хрватска, AG PLANUM  и од група архитекти од Грција, предводени од Алексиос Цомпанакис, за кои одлучуваше стручната меѓународна жири-комисија. Третото место го освоија Team PUPA, Life over space, од Литванија, а беше откупен и еден труд од професори и студенти од Меѓународниот балкански универзитет од Македонија.