Амбициозен план на Брисел за економски развој на регионот во наредните 5-6 години


Педесет и седум километри долгиот автопат во вредност од над 600 милиони евра е почнат во 2014 година

Економскиот инвестициски план за Западен Балкан вреден девет милијарди евра претставен заедно со пакетот за проширување е потврда дека Брисел е посветен да го зајакне процесот на проширување, оцени еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера за време на посетата на Скопје.

Вархеји кој лично го донесе и го презентираше Извештајот за реформскиот напредок на Македонија и Економскиот инвестициски пакет за Западен Балкан, еден ден по официјалната презентација во Брисел, на прес-конференцијата со домаќинот премиерот Зоран Заев го стави акцентот на економскиот пакет на ЕУ чија цел е значителен поттик за економиите во Западниот Балкан за заздравување од кризата, постигнување забрзан одржлив развој како и подобрување на условите за живот.

Ова е само понуда, додаде тој, и зависи од тоа дали ќе бидат испорачани реформски резултати во борбата против корупцијата, владеењето на правото, во судството и во јавното обвинителство

-Ова е навистина голем пакет. Тоа се 9 милијарди евра од нашиот буџет, а нашите меѓународни партнери и институции со коишто работиме во регионот се подготвени да обезбедат дополнителни 20 милијарди евра за регионот,…Планот е регионален, не се работи за тоа колку ќе добие секоја поединечна земја, треба да му се помогне на целиот регион за да се развие во наредните 5-6 години, рече Вархеји.

Премиерот Заев истакна дека во Извештајот за нашата земја е констатирано дека содржинскиот дијалог на Владата со ЕК се наоѓа на многу повисоко ниво, дека Северна Македонија во голем број области постигнува високо ниво на усогласеност со европското законодавство и се препорачува имплементација и испорака на уште поголеми резултати. Посебно се издвојуваат наодите во областите фундаментални вредности, избори, владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата од кои, вели Заев, може да се заклучи дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми.  

-Јас како премиер заедно со министрите од анализата на наодите од Извештајот ќе ги искористиме укажувањата на ЕК за проверка на нашите акциски планови и стратегии од првиот кластер од поглавјата за преговори посветен на темелните вредности кои натаму ќе се преточат, се надеваме, во преговарачките позиции на нашата земја, рече премиерот Заев. 

Тој го издвои како исклучително важен економскиот инвестициски план за Западен Балкан за кој, рече, еврокомесарот Вархеји има најголема заслуга, а со кој ќе бидат поддржани многу важни проекти за Северна Македонија како транспортното и енергетското поврзување, дигитализацијата, зелената агенда, социјалните инвестиции и енергетските проекти во целиот регион. .

-Проектите се спремни. Амбицијата за имплементација е следните четири години за време на мандатот на Вархеји и на оваа Влада и се надевам ќе имаме прилики заедно со Вархеји да ги пуштаме во употреба сите овие проекти за поврзување на нашите градови и регионот. Северна Македонија е подготвена со овие проекти и верувам дека ќе бидеме еден позитивен пример во севкупното покажување на имплементацијата и ќе ги оправдаме овие поддршки преку реформите кои се обврзуваме дека ќе ги завршиме во следниот период, истакна Заев.

Еврокомесарот Вархеји кој беше во еднодневна посета на земјава вчера се обрати и пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, имаше работен ручек со претседателот Стево Пендаровски, а се сретна и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Посетата на Скопје еден ден по презентацијата на годишниот извештај за реформскиот процес на земјата во Брисел, е дел од неговата регионална турнеја каде втора точка е Албанија.