Амбасадорските места ќе се пополнуваат според државните приоритети


Новиот министер за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе се забрза процесот за пополнување на испразнетите амбасадорски места, особено таму каде што е фокусот на нашите надворешно политички приорити, а тоа се Брисел и државите членки на ЕУ.

Османи на заедничката прес-конференција со неговиот претходник во МНР, а воедно и наследник на вицепремиерското место за европски прашања Никола Димитров, кажа дека е во тек постапката за неколку упатувања на амбасадори, кои беа заглавени поради административни пречки, нефункционални комисии во Собранието, а дел и поради пандемијата. Тој очекува да се ревитализираат и забрзаат сите постапки, не само во МНР туку и во Владата, зашто, како што посочи, ни претстојат важни процеси и затоа амбасадите треба да бидат во полн состав и капацитет за да одговорат на предизвиците.

– Фокусот при пополнувањето на амбасадорските места треба да биде според политичките приоритети на земјата, пред се европската агнеда, отворањето на преговорите со ЕУ и засилување на нашите мисии и амбасади во Брисел и во државите членки, а во зависност од буџетските можности после пандемијата. Ќе се направи проценка, но ќе инсистирам фокусот да биде ставен на приоритетите, изјави Османи.

Поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, рече дека останале многу малку амбасадорски места што не биле покриени со политичкиот договор од претходната влада и тоа во најголем дел со кариерни дипломати, а помал со политички назначени личности.

– Има многу малку места кои беа надвор од политичкиот договор во претходната влада. Многу од местата беа покриени, но има многу важни места меѓу кои и Вашингтон што беше покриен. Во смисла на бројка, многу се малку тие што не беа покриени со претходниот политички договор кој вклучуваше повеќе  кариерни дипломати од МНР и многу помал дел политички назнечени кандидати, посочи Димитров.

Според него, главен проблем што досега не е донесен Законот за надворешни работи, било дневното политиканство и девете одложувања на собраниската Комисија за надворешни работи. Очекува промена на таквата пракса и поодговорно однесување без дневно политиканство за важни прашања.

Османи, претходно, на примопредавањето на функцијата шеф на дипломатијата во новата Влада, рече дека Владата продолжува со истата стратешка ориентација кон ЕУ и НАТО со сличната надворешна политика и со непроменет тим.

Истакна дека следните предизвици ќе бидат формализирање на почетокот на преговори соо ЕУ и водење на процесот на европеизација на државата.

-Приоритетите на Министерството за надворешни работи ќе бидат засилување на европската агенда на државата, продлабочување на стратешкото партнерство со САД, но и другите членки на НАТО и добрососедските односи, со акцент на двата договори што  треба да бидат имплементирани во периодот што доаѓа. Ќе се обидам во овој мандат да бидат транспарентен како што сум бил и секогаш, да бидам во постојана комуникација  со вас и да ги споделиме сите информации навремено, порача Османи.

Изрази уверување во политичката волја, во капацитетот на државата и на администрацијата, за, како што рече, поголеми чекори и успеси во наредниот мандат.