Амбасадорот Светлан Стоев ќе ја замени Екатерина Захариева


Светлан Стоев е дипломат од кариера. Во моментот е амбасадор во Данска. Претходно бил амбасадор и во Германија и Шведска

 

Дипломатот од кариера, Светлан Стоев, ќе биде министер во службената влада на Бугарија која треба да раководи со земјата до новите избори на 11 јули. Името на Стоев, кој во моментов е амбасадор на Бугарија во Данска, им го соопштија на бугарските медиуми извори од кабинетот на претседателот Румен радев кој треба попладнево да го распушти парламентот и веднаш да ја именува службената влада.

Стоев, кој работи во бугарското министерствот за надворешни работи од 1985 година, претходно бил и амбасадор во Германија и Шведска. На сегашниов пост во Данска е од почетокот на 2019 година, откако беше еден од главните дипломати кои го подготвуваа и спроведоа бугарското претседателствување со ЕУ.

Додека Радев го готви списокот на новите министри, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, прави чистки во неговата партија за да може да се претстави во подобро светло пред изборите во јули. Тој денеска на собранието на партијата објави дека досегашните потпретседатели, Јорданка Фандакова и Димитар Николов, ќе бидат сменети од нивните функции. Фандакова и и Николов се градоначалници на Софија и Бургас. Прв пат по основањето на ГЕРБ партијата не победи на едни избори во Софија и тоа ѝ смета за голем грев на Фандакова.

На нивното место доаѓаат Даниел Митов и Томислав Дончев. Митов (поранешен министер за надворешни работи) беше мандатар од страна на ГЕРБ за составување на новата влада, но не успеа да привлече ниту еден коалициски сојузник. Дончев е видепремиер на владата која денеска треба да биде заменета. Најавувајќи го нивниот избор Борисов рече дека со тоа „ГЕРБ си го зазема местото во централната десница како евроатлантска партија“.

Засега нема информации каква улога би добила во партијата потпретседателската на владата Екатерина Захариева. Таа беше во Брисел на својата последна средба со европските министри кои расправаа за Западен Балкан. Во дискусијата таа изјави: „Само по себе започнувањето на преговори за членство во ЕУ не е доволно за да ја зацврстиме геополитичката ориентација на Западен Балкан. Неопходно е земјите од регионот да ги почитуваат критериумите на ЕУ и ефикасно да ги спроведуваат потребните реформи, вклучително и да ги прекинат финансираните дезинформациски кампањи против земјите-членки“. (Н.В.)