Амбасадорот на Холандија Јан Коп: Позицијата на Бугарија е пречка на патот кон ЕУ, но важно е да се продолжи натаму
Јас ја гледам позицијата на Бугарија како пречка на патот кон ЕУ. Но, важното е да не се разочарувате секој пат кога има пречка на патот, продолжете натаму, спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме како членка, вели амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во неделното интервју на РСЕ.
Прашан дали има ли надеж за Македонија по бугарското вето и дали е реално да се очекува одржување на меѓувладината конференција за време на португалското претседателство, амбасадорот Јан Коп вели дека не мисли оти тоа e толку важно. Она што е важно, нагласува, е што во последната година оваа земја доби зелено светло за започнување пристапни преговори во март минатата година, важно е оваа земја да ги заврши реформите кои треба да ги спроведе.
– Кога тој процес ќе биде зад нас, земјата ќе стане членка на ЕУ. Дали има пречки на патот? Очигледно дека има. Тие треба да се надминат. Но, прашањето не е дали Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ, туку кога? И ќе видите дека во некои области оди побрзо од очекуваното или побавно од колку што очекувате. Според мене, нема потреба да се прави драма од секоја пречка на патот. А јас ја гледам позицијата на Бугарија како пречка на патот. Не можам да предвидам кога точно ќе се случи меѓувладината конференција, дали за време на португалското претседателство, се надевам дека тоа ќе се случи. Но, важното е да не се разочарувате секој пат кога има пречка на патот, продолжете натаму, спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме како членка, вели во интервјуто холандскиот амбасадор Јан Коп.
Одговарајќи на новинарско прашање како гледа Холандија на бугарските условувања заради усвојување на преговарачката рамка, тој посочува дека ги гледаат како што ги гледа и секоја друга членка во Унијата.
– Како листа на билатерални прашања кои немаат места во преговарачката рамка. Во март кога беше договорено Северна Македонија да ги почне преговорите, земјите членки со месеци работеа на преговарачката рамка со Европската комисија и како и во сите случаи пред Северна Македонија, нема место за билатерални прашања во тие рамки. Земјите треба да ги решат тие прашања пред да станат членки, порачува тој.
Истакнува дека сите земји членки биле согласни оти треба да се одржи првата меѓувладина конференција.
– Сите, и тоа треба да е јасно. И да, Бугарија беше сама. Но, сепак тоа е прашање кое треба да се реши, не од ЕУ, туку помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Кога тоа ќе се случи можеме да тргнеме напред, посочува амбасадорот.
Тој не сака да ги коментира последните настани во насока на потребата од резултатите во областа на правосудството и борбата против корупцијата, затоа што се работи за тековни судски случаи, но наш став отсекогаш бил, и на тоа сме работеле, истакнува, да постои независно и доверливо судство, независни судии, обвинителство.
– Се разбира, добро е да се знае каде ви се обвинетите, порачува холандскиот амбасадор.
Додава дека нашата земја има направено значителен напредок во однос на судските реформи, но сè уште има работа.
– Она за што не сум оптимист е што во оваа земја практично секоја политичка партија во парламентот ја изрази својата поддршка кон евроатлантските аспирации на оваа земја. А тоа значи дека е јасно што треба да се направи. Агендата е добро структурирана и кога според преговарачката рамка ќе се знае што точно треба да се направи, проблемот претставува поларизацијата. Ако сите партии изразуваат поддршка на овој процес, тогаш спроведете го. Заедно, не е тешко. Не треба да има дебата за насоките како да се направи, туку само да се направи. Па затоа мислам дека моменталната поларизација не помага во оваа насока, вели меѓу другото амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во неделното интервју на РСЕ.