Амбасадорите на ЕУ не разговараа за францускиот предлог


 

Она што требаше да биде некаков патоказ како ќе се развива драмата околу кревањето на бугарското вето за Македонија во ЕУ заврши со – ништо.  Или пак тоа ништо може да значи нешто.

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија вечерва на состанок го подготвуваа самитот на европските лидери, но при размената на мислењата не се разговарало за бугарската позиција околу францускиот предлог за кревањето на ветото на Софија. Бугарското национално радио јави дека дипломатски извори ја опишале атмосферата како „позитивна“ и додаваат дека Бугарија информирала кои следни чекори ќе ги преземе. Но во новинарскиот извештај на бриселскиот дописник на БНР не се наведува што точно им предочил бугарскиот претставник.

Наводно, за францускиот предлог нема да се расправа ниту на утрешниот Совет за општи работи. Што значи, ако има некаква одлука и за францускиот предлог и за кревање на ветото тоа ќе им биде оставено на лидерите на ЕУ на самитот во четврток и петок.

Во исто време, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска изјави дека Западен Балкан и ЕУ се важни еден за друг и дека има потреба од нова енергија за проширување и зближување со регионот. Тој го кажа ова во писмо до шефовите на држави и влади на ЕУ по повод нивниот претстоен самит.

Пред почетокот на Европскиот совет на 23 јуни е закажан состанок ЕУ-Западен Балкан. Учесниците на состанокот ќе разговараат за предлогот на Франција за развој на таканаречената „европска политичка заедница“ – заедничко дејствување меѓу земјите од ЕУ и нивните соседи. Ќе разговараме како да ја засилиме акцијата во заеднички интерес, рече Мишел.