„Амбасадор“ нова премиера на штипскиот Народен театар
Во Народниот театар-Штип утре ќе биде премиерно изведена театарската претстава „Амбасадор“, по текст на Славомир Мрожек, режирана од Андреј Цветановски, со пет лика и голема техничка екипа. Режисерот Цветановски вели дека „Амбасадор“ зборува за дипломатски конфликт помеѓу две неименувани земји, конфликт помеѓу амбасадорот и претставник на Владата. Текстот пишуван за Студената војна, но со можност да се приспособи на кој било конфликт меѓу две земји, е само едно од уникатните парчиња на авторот Мрожек.
-Неговата арт поетика и апсурдот што го носи како автор зборуваат за секое време, затоа што тој не зборува за политички настани, туку за состојбата на човекот и местото на човекот во секој еден политички систем. Заради тоа мислам дека е толку голем. Тој ги наоѓа човековите мани во секој политички систем, а не обратно, вели Цветановски.
Дипломатски конфликт, од комедија во драма и трагедија, автентично за Мрожек, процес на кој се работело нешто повеќе од 40 дена. Како што потенцира актерот Милорад Ангелов, ова е приказна која секако пренесува порака. Според актерот Пеце Ристевски, пак, кој го игра ликот на амбасадорот, станува збор за приказна на верата.
– Направивме една претстава за верата, бидејќи е многу важно секој еден од нас да верува во нешто. Ние одлучивме да веруваме во својата чесност, праведност и одговорност, со други зборови, едноставно во чесност, вели Ристевски.
Актерите за претставата се избрани на аудиција, чија цел е, како што вели директорот Горан Трајков, да вклучи млади невработени актери. Истите да може да учествуваат во вакви проекти и да се истакнат, а дополнително, секој режисер да може да си ја избере својата екипа. Такво ново лице во штипскиот театар е актерот Григор Јовановски.
-На моја голема среќа првпат, се надевам не и последен, сум во штипскиот театар. Имавме еден прекрасен процес. Мене ми е чест што работев со толку добра екипа, секој од актерите е оригинален на свој начин, што беше едно олеснување за креативниот процес којшто го имавме. Си поминавме навистина убаво, вели Јовановски
Овој текст на Мрожек за првпат се поставува во земјата, а можноста да бидат дел од истиот се актерите Пеце Ристевски, во улога на амбасадорот, Ангелка Нашкова, во улога на сопругата на амбасадорот – Амели, Миле Вртеовски, во улога на човекот, Милорад Ангелов, во улога на Отело и Григор Јовановски, во улога на претставникот. Премиерата е утре, со почеток од 20.00 часот, а репризно издание ќе има и во сабота, од 20:00 часот.