Амбалажа за вакцини против Ковид-19 ќе се произведува во Македонија


Од отворањето на фабриката на „Гересхајмер“ (Фото: Б. Грдановски)

Потпретседателот на „Гересхајмер“ изјави дека компанијата има многу амбициозни планови за нејзините погони во Македонија. По првата фаза каде се вложени 30 милиони евра и околу 350 вработувања започна, треба да следи одлука за проширување на производствениот капацитет, кој според најавите треба да биде досега најголема инвестиција во Македонија. Доколку се реализира во близина на Скопје ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот, изјави во разговор за Дојче веле потпретседателот на „Гересхајмер“ Оливер Бургел. Тој вели дека деталите околу оваа можна 100-милионска инвестиција ќе бидат познати за два месеци.  

Според Бургел, поддршката и условите, но и брзината на реализацијата на она што било ветено од страна на македонските власти било пресудно „Гересхајмер“ да ја донесе одлуката за инвестицијата во Македонија. Тој објаснува како дошло до одлуката оваа германска компанија која важи за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија, да инвестира во Македонија.

„Идејата за инвестиција во регионот е од 2017 кога и почнавме разговори и скенирање на теренот. Бевме во Албанија, Србија, Унгарија и С. Македонија. Ја разгледувавме инфраструктурата и имавме средби со властите на различно ниво. Албанија отпадна релативно рано, исто така и Унгарија. Останаа Србија и С. Македонија со кои интензивно разговаравме. Пресудно беше она што го имаше во С. Македонија, а во Србија беше на ниво дека ќе биде. Се одлучивме за тука поради поддршката но и откако се уверивме во инфраструктурата, автопатот што е импозантна. Разговорите почнаа уште во времето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Ја добивме потребната поддршка и еве работиме“, објасни Бургел.