Амазон успешно ги лансираше првите два интернет сателити


Компанијата United Launch Alliance успешно ги лансираше првите два прототипа на интернет сателитите на Amazon од програмата Project Kuiper.

Сателитите беа лансирани во ниската орбита на Земјата со ракета Atlas V од Кејп Канаверал, Флорида во мисија наречена Протофлајт.

Амазон веќе некое време работи на Project Kuiper, сателитски интернет проект кој е ривал на Starlink на SpaceX. Компанијата го гледа Protoflight како клучна можност за учење бидејќи доби шанса да собира прецизни податоци во живо од вселената и да ги додаде во лабораториски и теренски податоци.

Во Амазон очекуваат да дознаат повеќе за тоа како ќе работи мрежата, а ова е и тест за сателитска обработка, лансирање и операции за мисија. Кога мисијата ќе заврши, Амазон активно ќе ги деорбитира двата сателита пред да изгорат во атмосферата.

Целта на Project Kuiper е да понуди брз и достапен широкопојасен интернет на недоволно опслужените заедници ширум светот. Планот е да се лансираат повеќе од 3.200 сателити во период од шест години, а KuiperSat-1 и KuiperSat-2 се првите верзии. Производството на сателити треба да започне во првата половина на 2024 година, а бета тестирањето кај некои корисници до крајот на таа година.