„Амазон“ по грешка предвреме го објави новиот роман на Маргарет Атвуд


САД- „Амазон“ усреќи неколку читатели кои направиле рана резервација за новата книга на Маргарет Атвуд кога по грешка го испорача вториот дел од „Приказната на робинката“ цела недела порано.

Издавачката куќа на книгата „Тестаменти“ изјави дека се работи за мал број копии што по грешка биле испорачани од страна на „Амазон“.

„Пингвин рандом хаус“ ги задолжи продавачите да ја чуваат книгата во тајност додека таа не биде објавена на 10 септември.

„Ова беше како да добив лотарија“, вели еден читател.

„Цела недела порано?!“, напиша друг читател.

Додека „Амазон“ не коментира во врска со случката, а „Пингвин рандом хаус“ не сакаше да даде детали колку книги биле испратени, весникот „Гардијан“ направи груба претпоставка дека се работи за приближно 800 копии.

„Тестаменти“ е наслов што со нетрпение се очекува оваа година, а пристига околу 34 години по првиот дел на Атвуд.

Грешката на „Амазон“ ги разлути другите продавачи кои сметаат дека доколку тие ја направеле оваа грешка, сигурно ќе биле казнети, но се сомневаат дека тоа би важело за „Амазон“.

Атвуд годинава е во трка за престижната Букерова награда.