Амазон монтира термокамери во своите складишта во САД


Американскиот гигант во онлајн трговијата „Амазон“ почна да користи термокамери во своите магацини заради проверки на работниците за повишена телесна температура, што може да биде симптом за Ковид-19.

Пријавено е дека во повеќе од 50 складишта на компанијата во САД има случаи на заразени со новиот коронавирус. Поради тоа, некои работници се загрижени за своето здравје и почнаа протести. Синдикатите и претставниците на вработените ја повикаа компанијата да ги затвори објектите.

Американските власти му дадоа на „Амазон“ зелено светло за испорака на стоки во момент на мерки за изолација во целата земја.

Во Франција, компанијата привремено затвори шест свои центри за дистрибуција поради спор со работниците за мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.