„Амазон“ го презема „ајРобот“


„Амазон“ дополнително ќе ја прошири својата палета на производи за паметен и поврзан дом со преземање на американската компанија „ајРобот“ (iRobot).

Најпозната по својата роботска правосмукалка, Roomba, оваа компанија е основана на МИТ во 1990 година, а дванаесет години подоцна стана првата што пласираше роботски правосмукалки. Многу брзо Roomba стана генерички бренд, т.е. име кое е речиси синоним за сите слични производи.

„Амазон“ ќе ги купи сите достапни акции на iRobot по цена од 61 УСД за секоја. Нивната моментална вредност е околу 50 долари. Тоа значи дека „Амазон“ ќе плати премија во однос на моменталната пазарна цена, како и дека за оваа компанија ќе плати околу 1,7 милијарди американски долари и тоа во готово. Со тоа ќе ги преземе и акциите на iRobot и тековниот нето долг на компанијата. Трансакцијата допрва треба да биде потврдена од акционерите на оваа компанија, како и од надлежните регулатори.