Амал Клуни на жешко столче во ОН – да не се заборават воените злосторства во Украина


САД- Адвокатот за човекови права и сопруга на Оскаровецор Џорџ Клуни,  ( за многумина и модна икона) Амал Клуни во средата ги повика земјите во Обединетите нации да се фокусираат на меѓународната правда за воените злосторства во Украина за да не се заборават доказите во фиока – како што направи за жртвите на Исламската држава (ИСИС) во Ирак и Сирија.

„Украина денес е кланица. Токму во срцето на Европа“, рече Клуни на неформалниот состанок на Советот за безбедност на ОН за одговорноста во Украина, организиран од Франција и Албанија.

Клуни потсети на гласањето во Советот за безбедност од 2017 година за одобрување на мерката за која таа помогнала да лобира – создавање тим на ОН за собирање, зачувување и складирање докази за можни меѓународни злосторства извршени од Исламска држава во Ирак. Истата година се родиле нејзиниот син и ќерка со американскиот актер Џорџ Клуни.

„Моите деца сега имаат речиси 5 години, а досега повеќето докази собрани од ОН се во некоја фиока– затоа што не постои меѓународен суд за да му се суди на ИСИС“, рече таа.

Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој се справува со воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и злосторства на агресија, нема јурисдикција бидејќи Ирак и Сирија не се членки.

Клуни е дел од меѓународната правна работна група која ја советува Украина да обезбеди одговорност за украинските жртви во националните јурисдикции и да работи со МКС со седиште во Хаг.

Обвинителот на МКС, Карим Кан, отвори истрага за Украина една недела по руската инвазија на 24 февруари.

„Ова е време кога треба да го мобилизираме законот и да го испратиме во битка. Не на страната на Украина против Руската Федерација или на страната на Руската Федерација против Украина, туку на страната на човештвото“, рече Кан на состанокот во ОН.

Изгледот на Амал Клуни под лупа на јавноста во Њујорк за време на средбите во ОН

Рускиот дипломат Сергеј Леонидченко го опиша МКС како „политички инструмент“. Тој ги обвини Соединетите Држави и Велика Британија за лицемерие затоа што ја поддржаа истрагата на МКС во Украина, откако направија „се што може да се замисли за да ја заштитат сопствената војска“.

Москва ја опишува својата инвазија на Украина на 24 февруари како „специјална воена операција“ и негира дека цели на цивили.

Канцеларијата на украинскиот јавен обвинител Ирина Венедиктова изјави за Ројтерс дека подготвува обвиненија за воени злосторства против најмалку седум членови на рускиот воен персонал. (Ројтерс)