Алжир: За групно убиство 49 лица осудени на смрт

Убиството се случи во 2021 кога еден уметник погрешно беше обвинет дека подметнува пожар, а тој дошол да помогне


Од пожарите во регионот

 

Алжирски суд осуди 49 лица на смрт за бруталното групно убиство на сликар кој беше осомничен за подметнување разорни шумски пожари – но всушност дојде да помогне во борбата со нив, според адвокатите на одбраната и државната новинска агенција.

Убиството во 2021 година во регионот Кабиле во североисточен Алжир ја шокираше земјата откако графички слики од него беа споделени на социјалните мрежи. Дојде набргу по шумските пожари во планинскиот берберски регион во кои загинаа околу 90 луѓе, вклучително и војници кои се обидоа да го скротат пламенот.

Во мамутското, високо-безбедно судење за убиството на уметникот Џамел Бен Исмаил учествуваа повеќе од 100 осомничени, од кои многумина беа прогласени за виновни за одредена улога во неговата смрт.

Оние на кои им е изречена смртна казна во четврток, најверојатно ќе се соочат со доживотен затвор наместо тоа, бидејќи Алжир со децении има мораториум на егзекуциите. Триесет и осум други добија казни од две до 12 години затвор.

Додека беснееја шумските пожари во август 2021 година, Бен Исмаил твитна дека ќе се упати кон регионот Кабиле, 320 километри од неговиот дом, за да „подаде рака на нашите пријатели“ кои се борат со пожарите.

По неговото пристигнување во Ларба Нат Иратен, село тешко погодено од пожарите, некои локални жители го обвинија дека е пироман, очигледно затоа што не бил од областа.

Бен Исмаил (38) беше убиен пред полициска станица на главниот плоштад во градот. Полицијата соопшти дека тој бил извлечен од станицата каде што бил заштитен и нападнат. Меѓу оние на кои им се суди имало три жени и еден маж кои со нож го испосекле безживото тело на жртвата пред да биде запалено.

Полицијата соопшти дека фотографиите објавени на интернет им помогнале да ги идентификуваат осомничените. Неговото вознемирено семејство се прашуваше зошто тие снимале наместо да го спасат.

Судењето имаше и политички призвук. Пет лица беа осудени во отсуство и за вмешаност во убиството и за припадност или поддршка на забранетото сепаратистичко движење Кабиле наречено МАК, рече Сахеб. Меѓу нив беше и водачот на движењето, Ферхат Мени, со седиште во Франција. Алжирските власти ја обвинија МАК дека ги наредила пожарите.

Адвокатите на одбраната рекоа дека признанијата биле изнудени под тортура и го нарекоа судењето политички маскенбал со цел да се стигматизираат луѓето од Кабиле. Во времето на пожарите, регионот беше последниот бастион на продемократското протестно движење „хирак“ што помогна да се собори долгогодишниот претседател Абделазиз Бутефлика во 2019 година.

Стотици алжирски граѓани се затворени поради обидот да го одржат во живот движењето Хирак. (АП)