Алтернатива не излегува од владата, но нема да гласа за новата?
Алтернатива ќе ја донесела конечната одлука за владината реконструкција на седница на Централното собрание в недела
Алтернатива не планира да ја напушти владината коалиција, но нема да гласа за реконструкција на Владата, дознава од свои извори „360 степени“. Од партијата, пак, официјално порачаа дека се уште ја разгледуваат одлуката и ќе ја донесат во недела.
„Најтесното партиско раководство на Алтернaтивa е во перманентно заседание. Со внимание ги разгледуваме сите околности кои ги нарушуваат принципите врз кои требаше да почива eвропската коалиција. Особено начинот на кој некој го потценува нашиот учинок пред 12 месеци за спас на владејачкото мнозинство, изборот на Димитар Ковачевски за премиер и следствено обезбедувањето на почеток на преговори со ЕУ.
Согласно статутарните одредби денес одлучивме конечниот став да го изградиме на седница на Централното собрание која ќе се одржи во недела со почеток во 16 часот, во партиското седиште во Тетово водејќи се од тоа што е најдобро за иднината на државата и за иднината на Алтернатива. Расудуваме трезвено, без емоции, целосно свесни за предизвиците кои не очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на каков било начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат“, порачаа драматично од партијата.
Неофицијално, Ковачевски за да го задржи Гаши во власта, ѝ ги вратил на Алтернатива директорските места што веќе ѝ ги понудил на Алијанса во ПИОМ и во Управата за водење матична евиденција.Се шпекулира дека ако, сепак, Гаши излезе од Владата, тоа ќе значи поделба во партијата, односно дека двајца од тројцата пратеници ќе останат со владејачкото мнозинство и ќе дејствуваат како независни, но и дека министерот Адмирим Алити ќе го задржи министерското место во информатичко општество и администрација, но тој го демантираше ова.
Одлуката на Алтернатива ја кочи дефинитивната распределба на ресорите помеѓу Ковачевски и Таравари бидејќи договорот е ако партијата на Гаши остане во власта, тогаш Алијанса добива ново вицепремиерско место за економски прашања со кое ќе раководи пратеникот Елми Азири. Ако Алтернатива излезе, тогаш Министерството за информатичко општество оди кај Алијанса.
Предлогот за реконструкција на Владата може да стигне во Собранието во наредните денови и да се најде на дневен ред на редовната собраниска седница закажана за в понеделник. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, во изјава за телевизија Алсат-М веќе најави дека нема да гласа за новото парламентарно мнозинство. Според него, Алијансата за Албанците влезе во Владата не за некаков европски сојуз за Македонија, туку за да го спаси Артан Груби.
Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов ќе поддржи реконструкција на влада само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Уставот и Амандманот 6. Затоа, вели Трајанов, ќе почекаат да ги видат утврдените кадровски решенија, па потоа ќе ги кажат нивните ставови околу стратегиите, реформите и приоритетите.
Во меѓупартискиот пазар е договорено СДСМ да го отстапи Министерството за правда, а да го добие Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што на столчето на Насер Нуредини од ДУИ ќе седне Каја Шукова, актуелна државна секретарка во овој ресор.
Доколку Алијанса, ги добие и ресорите за информатичко општество и за здравство, Алтернатива ќе остане без две министерства. Според неофицијални извори од Алијанса, партијата на Таравари треба да добие и некои директорски позиции на кои сега шефуваат кадри на Алтернатива, во МЕПСО и во Фондот за пензиско и здравствено осигурување (ПИОМ). Според непотврдени информации, Таравари ќе земе и директорски места во „Македонија пат“ и во ЈП „Железници“, каде што во моментов раководат кадри на СДСМ.
Уште невлезен во Владата Таравари и прати порака на ВМРО-ДПМНЕ која деновиве се обидува да издејствува некое друго парламентарно мнозинство, надевајќи се на наводно шест пратенички места контролирани од „огнените“, на Алтернатива и на некои коалициони партнери на СДСМ. Според него, евентуално загрозување на европската перспектива на државата преку неможноста да се отвори македонскиот устав и во неговата Преамбула да се внесат Бугарите, би можело да ги зголеми фрустрациите кај Албанците во земјава, па дури и да се појават нови идеи за реорганизација на државата.
“Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во еден маѓепсан круг од кој нема да можеме да излеземе“, изјави Таравари. Апел за промена на тврдиот став на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на уставните измени, упати холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп. „Амбасадорот Коп на отворена и конструктивна средба со Христијан Мицкоски, ја изрази својата загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одложи влезот во ЕУ“, се наведува во твитот од Холандската амбасада во Македонија.