Алооо Антикорупциска, гледам службен автомобил на митинг!
Антикорупциската комисија не може за време на изборната кампања директно на терен да утврдува злоупотреби на канцелариски простор, на канцелариска опрема и на службени возила на државните органи или, пак, евентуален поткуп на гласачи. Информациите за тоа ќе ги добива од невладините организации кои имаат соодветни акредитации за следење на изборниот процес, вклучувајќи го и самиот ден на гласањето, но и од граѓаните.
„Само зборот не е доволен. Прекршувањата на изборните правила треба да бидат поткрепени со соодветна документација, изјави од сведоци, фотографии, кои ќе ни послужат како појдовна точка во истрагата“, изјави вчера претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, на тематската прес-конференција на која укажа за начинот на постапувањето на оваа институција во текот на изборната кампања за претседател и градоначалник, кој е тесно врзан со нејзините законски надлежности во делот на контролата на буџетските средства и следењето на финансирањето на изборната кампања.
На сајтот на Антикорупциска поставена е и веб апликација, односно регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа и на јавните претпријатија. Од тој регистар секој може да ги пребара возилата, и по институција и по регистарски таблици. Доколку има сознание за злоупотреба на истите секој може да пријави до Антикорупциска. Ивановска вели дека досега не се отворени предмети поврзани со изборите, но оти сите информации стигаат до нив.
„Државната комисија во следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси и во Изборниот законик“, повика Ивановска.
На веб-страницата на Антикорупциската комисија објавена е формата на пријава за сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес која може да ја пополни секој кој има информации дека се злоупотребуваат буџетски средства за изборни цели, или ако се исплатуваат пензии, социјална помош и плати кои не се редовни месечни исплати.
Од Антикорупциска потсетија дека не може да се почне изградба со државни пари на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта или објекти за општествени дејности училишта, градинки…, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Во период од 20 дена пред почетокот на изборна кампања, односно од денот на распишување на изборите, не може да се одржуваат и јавни настани по повод започнување со изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со државни или пари од јавни фондови.Меѓутоа, под оваа забрана за јавни настани не се подразбира изјава на функционер или кандидат на некој митинг, интервју или дебата на медиум и одговор на новинарски прашања.
„Забрането е и вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачите или членови на нивните семејства и нивни блиски лица. Не може да се започнеи со постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и во јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.Државната комисија ќе ја следи кампањата на сите кандидати и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе преземе мерки, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара тие да постапат“, рече Ивановска. (Н.К.)
Прво одлука на Антикортупциска, па потоа функционерите ќе мислат за оставки
Министерот за економија, Крешник Бектеши, нема да побара неговата сестра да се повлече од работното место во државната МЕПСО. Тој и натаму тврди дека не можел и немал никакво влијание при нејзиното вработување. Бектеши не сакаше да каже дали ако Антикорупциска утврди судир на интереси тој ќе поднесе одговорност и оставка од функцијата.
„Што се однесува на вработувањето на мојата сестра, не сум можел да имам влијание оти МЕПСО е посебна институција. Дали има судир на интереси нека утврди Антикорупциската комисија. Ако има судир на интереси, тогаш ќе одлучам дали ќе поднесам морална одговорност, дали сестра ми ќе се повлече од работното место или, пак, нешто друго“, рече Бектеши.
Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, пак најави дека ќе понесе одговорност доколку Антикорупциска утврди неправилности при вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска.
„Колку што сум инфоримиран, Антикорупциска последно објави демант дека има нерегуларности при вработувањето на Стојчевски. Постојано се проверува, сите документи побарани од Антикорупциската комисија беа доставени. Исто така има и внатрешна комисија која проверува како е направен изборот за Стојчевски. Доколку се утврдат некакви нерегуларности во однос на изборот на Виктор Стојчевски, одговорност ќе сносат сите, вклучувајќи ме мене и Стојчевски“, рече Миновски.
Тој нагласи дека систематизацијата на работните места во ЕЛЕМ со одлука на Управниот одбор е класифицирана како интерен акт и нема да биде доставен адо јавноста додека се води предметот во Комисијата. Спротивно од неговите тврдења, од Комисијата за заштита на информации од јавен карактер за медиумите потврдија дека документот треба да биде објавен на веб-страницата на компанијата и истиот не е документ со класифициран карактер.
Од Антикорупциска вчера не сакаа да излезат со детали околу текот на постапката за непотизмот, но најавија дека следната недела ќе го соопштат својот став дали вработувањата се спорни или не.