Алкараз шампион на УС опен и нов број 1 на светот

Њујорк – Шпанецот Карлос Алкараз е победник на годинашниов УС опен откако синоќа во финалето го совлада Јаник Синер од Италија со 3:1 во сетови (6:2; 3:6; 6:1 и 6:4). Со овој триумф тој „го симна“ Синер од првата позиција на АТП листата.
Во мечот Алкараз од самиот почеток наметна контрола на играта и без поголеми проблеми дојде до предност од 1:0 во сетови. Сепак, Синер успеа да изедначи, но Шпанецот третиот сет го освои на доминантен начин со само еден загубен гем што беше и најава на победата.
Ова за Алкараз беше втора Грен слем титула во 2025 година откако претходно триумфираше на Ролан Гарос, додека и Синер има две Грен слем титули од Австралија опен и Вимблдон.
Побогат награден фонд од кога било
Со синоќешниот триумф, Алкараз стана побогат за 5 милиони долари (околу 4,27 милиони евра), што е сумата што им припадна на победниците во натпреварувањето во поединечна конкуренција за мажи и жени. Вкупниот награден фонд за Отвореното првенство на САД оваа година беше 90 милиони долари (околу 76,8 милиони евра). Синер доби 2,5 милиони долари (околу 2,1 милион евра).
Минатата година, вкупниот награден фонд за Отвореното првенство на САД изнесуваше 75 милиони долари (околу 64 милиони евра), а победниците добија 3,6 милиони долари (околу 3,1 милион евра).