Алкараз го среди Беретини и за полуфинале ќе игра со Руне
Лондон- Карлос Алкараз и Холгер Руне ја потврдија добрата форма, па со по еден загубен сет закажаа меѓусебно четвртфинале на Вимблдон.
Првиот светски рекет, Алкараз го совлада Матео Беретини со 3-1. Средбата на „Централниот терен“ траеше неполни три часа, а иако Италијанецот отвори со освоен сет, сепак падна пред фаворитот. Беретини го искорити единствениот брејк во првиот сет, за со 6-3 да дојде до водство. На тоа Шпанецот врати идентично, со иста мера и 6-3 за израмнување.
Третиот сет беше единствен во кој тенисер успеа двапати да му одземе гем на противникот на сервис. Алкараз успеа во тоа во третиот и деветтиот гем, користејќи ја третата сет/брејк топка одново за 6-3. Во четвртиот сет, по затворањето на кровот поради слабата видливост, првиот тенисер на светот продолжи во добар ритам. Брејкот дојде во претпоследниот гем, а потоа Алкараз од четвртиот обид искористи меч-топка за триумф.
Релативно сличен беше текот на мечот во кој Руне се пласира во четвртфиналето. Григор Димитров отвори со освоен сет, меѓутоа потоа загуби со 3-1 од данскиот ривал. Бугарскиот тенисер го доби првиот сет со 6-3, а потоа во двата наредни се играа два тај-брејка кои Руне ги доби со 8-6 и 7-4. Последниот четврти сет беше најкраток, Данецот го реши за 35 минути со 6-3.
Овој четвртфинален пар вкрстува со подобрите од дуелот меѓу Медведев и Јубанкс. На спротивната страна на ждрепката играат Ѓоковиќ против Рубљев, а потоа вкрстуваат со Синер и Сафиулин.