Алкараз го победи Надал, а сега ќе игра против Ѓоковиќ


Шпанија– Во дуелот на двајцата најдобри шпански тенисери, победата денеска во Мадрид ја однесе далеку помладиот Карлос Алкараз, кој продолжува да прави големи чекори кон нов трофеј, но и на самиот врв на АТП листата.

На младиот Алкараз му предвидуваат голема тениска кариера, прашање на време е само кога ќе почне да победува на Грен слем турнирите.

Во четвртфиналето на турнирот од Мастерс серијата, Алкараз го елиминираше најтрофејниот Грен слем играч, славниот Рафаел Надал со 2:1, по сетови 6:2, 1:6, 6:3!

Ова им беше трет меѓусебен меч, Надал ги доби првите два – во Мадрид лани и Индијан Велс сезонава, а денеска Алкараз оствари историски триумф за него, прв против легендарниот сонародник.

Во исто време, ова е веројатно најдобриот начин Алкараз да го прослави својот 19 роденден.

Она што е најинтересно во целата приказна е тоа што Алкараз во полуфиналето ќе се сретне со првиот тенисер во светот, Ѓоковиќ кој денес го совлада Хуберт Хуркач во два сета. 

Ова ќе биде прв меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз, а ќе биде многу интересно да се види каде е суперталентираниот Шпанец денес во однос на најдобриот играч на светот.

Втората полуфинална пресметка на турнирот во Мадрид ќе се формира после одигрувањето на четвртфиналните мечеви Рубљов – Циципас и Оже Алијасим – Зверев.