Алкараз е во финалето на Вимблдон: „Можам да го победам Ѓоковиќ“


 

Карлос Алкараз е во финалето на Вимблдон, откако денес во полуфиналниот меч убедливо го совлада Данило Медведев со 3:0, (6:3, 6:3, 6:3). Младиот шпански тенисер полесно од очекувањата го совлада третопласираниот тенисер во светот.

Овој натпревар беше многу важен за двајцата. Освен тежината на финалето на единствениот Грен слем на трева, имаа шанса да го обезбедат и првото финале во Лондон.

За жал, рускиот тенисер дома си оди со празни раце.

Карлос Алкараз ќе го игра првото финале на Вимблдон во кариерата, а по натпреварот ги искажа импресиите од полуфиналниот меч, но зборуваше и за претстојната борба за титулата во главниот град на Англија.

– Ова е сон за мене, финале овде. Искрено не ми се верува. Сè што можам да кажам е дека уживам во ова. Време е да продолжите да сонувате. Беше тешко да се затвори натпреварот. Не беше лесно, мора да бидеш постојано фокусиран. Данил се бореше до самиот крај, до последната топка. Тој трча, погодува, морав да го покажам мојот најдобар тенис во тешките моменти. Бев агресивен. Тогаш бев вистинскиот јас, тоа беше клучот за финиширање на мечот – изјави Шпанецот.

Тој додаде дека мечот против Ѓоковиќ ќе биде голем предизвик.

– Што да кажам? Сите знаат каква легенда е Новак. Ќе биде исклучително тешко. Ќе се борам, тоа сум јас. Верувам во себе, верувам дека можам да го победам овде. Го гледам непоразен од 2013 година на оваа земја. Ќе биде голем предизвик, но јас сум благодарен за можноста. Имам два дена за одмор. Од самиот почеток сонував да играм со играчи како Новак. Финале е, не е време за страв и умор. Ќе видиме како ќе биде – заклучи Алкараз.