Алкарас му одржа тениски час на Зверев и испиша историја во Мадрид

Шпанија– Карлос Алкарас делува несопирливо во овој момент, па така откако ги елиминираше Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето и полуфиналето, денеска ја доврши работата и испиша историја во шпанската престолнина.
Младиот Алкарас стана најмладиот шампион во историјата на АТП Мастерсот во Мадрид, и тоа е сосема заслужено со оглед на квалитетот и формата која ја прикажа во финалниот меч против Александер Зверев.
Шпанецот буквално му одржа тениски час на повозрасниот Саша и го декласираше со 6:3 и 6:1, па во меч кој немаше никаква тениска возбуда, покажа дека игра неверојатно добро.
Најдобар доказ за тениската лекција е тоа што мечот траеше само еден час и две минути, што доволно говори колку беше еднонасочно ова финале во Мадрид.
На овој начин, Алкарас ја продолжува својата блескава 2022-ра година, а за него ова е втора Мастерс титула на турнирите од серијата 1000.