Балканските лидери ќе вечераат со европските, но „без многу апетит“
Нешто повеќе од 24 часа по средбата на претседателите на Западен Балкан со оние на Словенија и Хрватска, лидерите на балканските земји што не се дел од ЕУ денес во Брисел ќе вечераат со нивните колеги од земјите што се дел од Унијата. Според хрватското издание на Дојче веле, дел од менито може „тешко да се проголта“. Причината е веројатно дека разговорите што ќе ги водат се однесуваат на ќор-сокак во односите со регион што ЕУ инаку го перцепира како природен дел од европскиот простор.
Денешниот состанок, скоро година и пол откако „геополитичката“ Комисија го презеде раководството на блокот (терминот „геополитичко прашање“ го користи и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел за Западен Балкан) доаѓа во тежок момент за политиката на ЕУ во регионот. Проширувањето е блокирано затоа што две земји, кои се на прагот да започнат пристапни разговори, не можат да го сторат тоа, делумно заради ветото на Бугарија за Северна Македонија во врска со билатералниот спор.
Кризата со коронавирусот придонесува и за фрустрацијата на Западен Балкан во однос на ЕУ – повеќе години откако блокот го прогласи проширувањето и регионот за „приоритетни“ за време на бугарското претседателство со ЕУ. Балканот не доби помош во тешкиот период на зимскиот бран на коронавирусот, така што некои земји (како што се Србија и Црна Гора) се потпираа на помош за вакцини од Русија и Кина, а други на Србија, која започна „ вакцина дипломатија“ благодарение на вишокот дози.
Дури во последните неколку недели Европската унија објави и започна да доставува донација од 651.000 дози на Западен Балкан. Во Северна Македонија, на пример, комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, пристигна лично со помалку од 5.000 дози, а за споредба деновиве кинескиот „Синофарм“ испорача 200 илјади, дози нарачани од Скопје, додека армијата на азискиот гигант донираше уште 100 илјади за време на викендот. Ројтерс неодамна цитираше внатрешен документ на ЕУ дека блокот мора да признае дека земјите во регионот ја губат вербата во него бидејќи Кина и Русија добиваат поени.
Постојат и други проблеми. Во последните неколку недели растат тензиите околу неколку документи кои сигнализираат промени на границите на регионот. Најпознати од нив станаа т.н. словенечкиот нон пејпер кој се поврзува (без докази) со премиерот Јанез Јанша. Текстот наводно, циркулирал меѓу претставници на ЕУ и со него се предлага етничко решавање на проблемите на Западен Балкан, со распаѓање на Босна и Херцеговина и де факто поделба на Косово, вклучително и обединување со Албанија и специјалниот статус на северниот дел на земјата.
Словенија се дистанцираше од документот, ЕУ негираше дека постои, но случајот повторно го постави прашањето за ризиците од промена на границите на Балканот и на чии интереси би им служеле, бидејќи обидите за разбивање на Југославија предизвикаа војни во регионот .
Загревање за денешната средба беше традиционалната средба организирана во Словенија, каде нејзиниот претседател го поздрави оној на Хрватска и шефовите на држави на шесте земји од Западен Балкан кои сè уште не се дел од ЕУ. Сепак, дури и на овој состанок, каде што требаше да се осудат сите шпекулации за промена на границите во регионот, консензусот беше тежок. Резолуцијата со која се одбиваат промените на границата доведе до судир меѓу Србија и Косово, бидејќи тоа подразбира дека Белград ја признава Приштина во рамките на постојните граници управувани од него од едностраното отцепување во 2008 година.
Според претседателот Александар Вучиќ, само границите признати од ОН треба да се прогласат за непроменливи, а Косово не е членка на ОН. Последната изјава требаше да се измени за да се потврди заложбата за проширување на ЕУ.
Неодамна се зборуваше и за нон пејпер напишан од самиот Борел и неговиот тим, за кој треба да се разговара на состанокот. Во него се потенцира проширувањето на ЕУ, но се зборува и за разочарувањето на земјите од регионот. Тој ги охрабрува земјите од ЕУ да го зголемат своето присуство на Западен Балкан. Борел не го крие авторството на Европската служба за надворешни работи – тој рече дека врз основа на овој документ, земјите од Унијата мора да предложат понатамошни чекори за враќање на довербата. Темата, исто така, се дискутираше на состанокот на европските министри за надворешни работи на 10 мај, а резултатот од разговорите би можел да биде релевантен на денешната вечера. (Дојче Веле)