„Алкалоид“ ги дигитализира и автоматизира процесите во сегментот Фармација


 

„Алкалоид“  започна со спроведување нов проект од стратешко значење во Профитниот центар Фармација, како носечки и стратешки столб на компанијата. AlkaMES е суштински важен проект за управување со процесите, целосна дигитализација и автоматизација на производствените процеси со автоматско собирање податоци од производствената опрема и за функционирање без хартија, кој ќе се реализира во соработка со избраниот партнер ANTSolutions од Полска ( https://antsolutions.eu/), компанија со големо искуство со системите за автоматизација и со повеќе од 600 имплементации во 35 земји, која функционира повеќе од 17 години и на повеќе континенти.

Според изјавите од компанијата, овој систем (софтвер и хардвер) има цел целосна дигитализација на производствениот процес преку надградба и интеграција на постојното функционирање, автоматизација на производствените процеси и опрема, примена на нови модули интегрирање со постојните системи AlkaSAP ERP, AlkaT&T (Track&Trace) и BMS (Building Management System), AlkaMOS (Maintenannce Operating System) и AlkaOEE (Overal Equipment Effectiveness), надградба на системот за планирање, како и целосно електронско управување со отстапувања и со девијации во производството. Покрај тоа, AlkaMES значително ќе ја подобри севкупната ефикасност, овозможувајќи заштеда на вредни ресурси и на време при собирањето податоци, следење и контрола на процесите во реално време и донесување правилни и навремени одлуки врз основа на точни и на ажурирани информации. 

На почетниот состанок, одржан на 18 јули 2023 г., беше најавен официјалниот почеток на проектот AlkaMES (Alkaloid Manufacturing Execution System), кој е во вредност од над милион евра. Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, со своето обраќање официјално го означи почетокот на проектот, истакнувајќи ги главните придобивки и цели на проектот и поздравувајќи го проектниот тим, кој е составен од преку 80 члена, претставници на „Алкалоид“ и на партнерската компанија, поделени во девет тима во кои се врвни експерти. Според временската рамка, пилот-проектот ќе се реализира до крајот на првиот квартал од 2024 г., а целосниот проект ќе заврши во првиот квартал од 2025 г.