„Алкалоид“ ќе подели нето дивиденда од 324 денари за акција, највисока до сега


Сопствениците на акции на „Алкалоид“- Скопје ќе добијат по 324 денари нето, односно 360 денари бруто за акција, е предлогот на раководството на фармацевтската компанија доставен до Собранието на акционери. Ова е најголема дивиденда до сега, односно од 2008 година колку што има податоци на интернет страницата на компанијата. Според истите податоци, дивидендата од година в година има постојан тренд на пораст.

Одлуката треба да биде потврдена на акционерското собрание кое што е закажано за 6 април. Како што се вели во соопштението доставено до Македонската берза, исплатата на дивидендата ќе почне од 20 мај годинава, на трансакциските сметки на акционерите. Последен датум на тргување со право на дивиденда за 2019 година е 21 април, се вели во соопштението.

Минатата година на акционерите на „Алкалоид“ им беше исплатемна нето – дивиденда од 272 денари по акција, односно 320 денари бруто за акција, што значи дека годинава акционерите ќе добијат за 19 отсто повисоки дивиденди од лани на нето-основа.

Акционерите на „Алкалоид“ поседуваат вкупно 1.431.353 акции со номинална вредност од ЕУР 25,56 по акција. Од тоа, 99,7 отсто или 1.428.125 од акциите се обични акции од кои 59 се резервирани за поранешни сопственици, додека 0,23 отсто, или 3.228 се приоритетни акции исто така резервирани за поранешни сопственици.

Претходно, „Алкалоид соопшти дека во 2019 година имаше раст на консолидираните продажби од 13 отсто, раст на консолидираната нето добивка од 18 отсто, инвестиции во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања во периодот јануари – декември 2019 година.

Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто беа остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странски пазари.

Акциите на „Алкалоид“ се меѓу најтргуваните и најликвидни на Македонската берза. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција што претставува раст од 18 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.