„Алкалоид“ ја забележа втората победа на Светското првенство во шах


На Светското екипно првенство, во категорија шахисти над 50 годишна возраст, што се игра во Струга, ШК Алкалоид ја забележа и втората победа, овој пат над селекцијата од Словачка.

Победата е со резултат 2,5:1,5 но, македонскиот тим може само да жали што таа не е изразена со повисока разлика.

Цел бод на Алкалоид донесе Кирил Георгиев на првата табла со црни фигури, а останатите тројца „Фармацевти“, Влатко Богдановски, Звонко Станојоски и Роландо Кутиров ремизираа.

Георгиев по натпреварот изрази уверување дека неговиот тим има квалитет за највисок пласман на ова натпреварување.

– Алкалоид секогаш оди на победа, на медал, а и јас секогаш играм за силни тимови со кои верувам дека имаме шанса за успех на екипно ниво. За мене дури е попријатно да играм за екипа со високи амбиции. Со играчите кои се денес во Алкалоид имаме настапувано заедно во минатото како репрезентација на Македонија на Шаховските Олимпијади (деветто место во Словенија 2002 година) и на Европските првенства (во 2003 заедно со Недев освоивме медали на своите табли), со што сакам да укажам дека имаме убава атмосфера, која се надевам повторно ќе биде крунисана со нов успех, изјави велемајсторот Георгиев.

На врвот на табелата во категоријата на играчи над 50 години се издвоија пет екипи со по две победи (истите оние кои се на врвот според просечниот рејтинг на играчите) и бидејќи турнирот трае девет кола, извесно е дека сите тие во одреден момент ќе играат меѓу себе. Алкалоид во третото коло излегува на мегдан со првата екипа според рејтингот, САД, додека вториот дерби меч ќе се игра меѓу првиот тим на Англија и Италија.

Во категоријата на играчи над 65 години, македонските ветерани направија уште еден подвиг совладувајќи ја првата екипа на Австрија и се најдоа меѓу првите пет на табелата, по што денеска играат со германскиот тим Ласкер Шахштифунг.