„Алкалоид“, ја разбива банкарската „монотонија“ во топ пет најтргувани акции


Македонска берза го објави месечниот статистички билтен за март 2023. Најинтересни за тргување биле акциите на четири банки – Комерцијална, НЛБ, скопската Стопанска и ТТК. Во друштвото е и „Алкалоид“, кој ја разбива банкарската „монотонија“ во топ пет најтргувани акции, пишува порталот „Пари“.

Акцијата на Комерцијална банка е на челната позиција како најтргувана на македонскиот пазар на капитал. Тоа го покажува и месечниот билтен на Берзата.

Просечната цена што ја достигнала акцијата на најголемата македонска банка е 12.252,49 денари. Во текот на минатиот месец биле истргувани 7.382 акции. Конкретно, со акциите на Комерцијална банка бил направен промет од 90.447.855 денари или 1.466.219 евра, а нејзиното учество во вкупниот берзански промет било 38,56 отсто.

Втората најтргувана акција на официјалниот пазар на Берзата е на македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ АД Скопје. Се работи за истргувани 3.578 акции по просечна цена од 17.930,36 денари. Вкупниот промет што во март бил достигнат со акциите на „Алкалоид“ изнесувал 1.039.914 евра или 64.154.837 денари. Со тоа, во вкупниот промет има удел од 27,35 проценти, покажува билтенот на Берзата.

Акцијата на НЛБ Банка минатиот месец имала просечна цена од 26.088,29 денари. Вкупниот промет постигнат со оваа акција изнесува 25.253.466 денари или 409.335 евра, што претставува учество од 10,77 отсто во вкупниот промет.

Уште една голема банка се најде во славната петорка. Станува збор за Стопанска банка АД Скопје. Акцијата на оваа банка минатиот месец имала просечна цена од 1.311,85 денари, а вкупниот промет кој бил постигнат е во износ од 10.900.150 денари или 176.687 евра и во вкупниот промет учествува со 4,65 отсто..

Во друштвото на најтргуваните е и акцијата на ТТК Банка Скопје, со просечна цена од 1.360,34 денари, и со постигнат промет од 9.408.112 денари или 152.499 евра. Од аспект на вкупниот промет, тоа претставува учество од 4,01 процент.

Според податоците кои ги објави Македонската берза за периодот од први до 31 март, вкупниот промет изнесувал 496.838.797 денари, односно 8,06 милиони евра и е зголемен за 124,40 насто во однос на претходниот месец.

Инаку, главниот берзански индекс МБИ10 се пораснал за 0,73% отсто

Кај брокерските куќи, највисоко на тронот во март месец се искачи Еурохаус АД Скопје, со остварен вкупен промет на берза од 509.460.679 денари. Комерцијална банка АД Скопје се најде на втората позиција со промет од 152.962.748 денари, додека на третата позиција се најде ИЛИРИКА ИНВЕСТМЕНТС АД Скопје со вкупен промет од 100.800.667 денари.

Класичното тргување изнесувало 246.211.825 денари и е зголемено во однос на февруари за 33,00 отсто кога изнесувало 203.633.329 денари.

Во класичното тргување истргувани се акции во вредност од 238.991.836 денари и обврзници во вредност од 7.219.989 денари.

Блок трансакциите во март изнесувале 250.626.972 денари и се зголемени за 1309,83 отсто во однос на февруари.

Бројот на трансакции во март изнесувал 1.035 и е зголемен за 35,47 отсто во однос на февруари кога изнесувал 764.