„Алкалоид“ го пушти во употреба новиот капитален проект вреден 19,4 милиони евра

Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении


(Фото: Б. Грданоски)

„Имаме светски погон за производство на таблетни форми на лекови и на антибиотици“. Оваа реченица од воведното излагање на првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, пред свеченото сечење на лентите со кои симболично беше означен стартот на работата на новото Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории, е најдобра илустрација за она што новинарите и многубројните гости имаа прилика и лично да го видат набрзо потоа. 

(Фото: Б. Грданоски)

На површина од 6.200 метри квадратни, производствени и технички простории, со машини и технологија која е во самиот светски врв, нашата најголема фармацевтска компанија отвора ново поглавје во работењето, кое ќе донесе нови можности, зголемено производство и нови производи кои ќе ги пласира на домашниот и на странските пазари.

Вкупната инвестиција е 19,4 милиони евра, и како што беше нагласено, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении. 

Од „Алколоид“ велат дека во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, компанијата ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 .

(Фото: Б. Грданоски)

Целта е со новиот техничко-технолошки капацитет повеќе од двојно да се зголеми обемот и да се овозможи поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми.

За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.

Како што објаснија од „Алкалоид“, во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија.

Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета.

Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.

Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.

(Фото: Б. Грданоски)

„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.

Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.

Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.