„Алкалоид“ бележи позитивни резултати во работењето, а вработи и 127 луѓе
Алкалоид – резултати од работењето за периодот јануари – септември 2019 година
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз од 19 проценти, раст на консолидираната нето добивка од 26 отсто, инвестиции во износ од 603 милиони денари и 127 нови вработувања во периодот јануари – септември 2019-та.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2019 година, продажбите достигнуваат 6.305.476.687 денари, што е за 14 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Вкупните консолидирани продажби пак достигнуваат 8.266.092.980 денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби по региони и земји
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 19 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите
од Југоисточна Европа се остварени 33 проценти, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 проценти, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 278.615.173 денари што е два пати повеќе од лани, Русија со продажби од 538.437.567 денари што претставува раст од 95 отсто и САД со продажби од 194.055.288 денари што претставува раст од 69 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај
извозните пазари пораст бележат и следните земји: Германија раст од 51 отсто, Украина раст од 32 отсто, Романија раст од 24 проценти, Косово раст од 16 проценти, Бугарија раст од 15 отсто, Црна Гора раст од 10 отсто, Србија раст од 9 отсто,
Словенија раст од 9 проценти, Хрватска 7 проценти итн.
Продажби по групи на производи
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86 проценти. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22 отсто, Кардиолошките препарати со 15 отсто, Антибиотиците со 15 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 проценти од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2 посто, Козметика со 8 посто и Билкарство учествува со 4 отсто.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.308.826.329 денари, бележи зголемување од околу 22 проценти, додека единечната нето добивка изнесува 764.835.749 денари и е зголемена за 25 посто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.337.473.830 денари и бележи раст од 22 проценти, додека нето консолидираната добивка во износ од 738.604.635 денари е зголемена за 26 отсто.
На ниво на групација нето профитната маржа за првите 9 месеци од 2019 година изнесува 8,9 проценти, оперативната маржа е 10,4 посто, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,2 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2019 година изнесуваат 602.620.282 денари. Вложувањата воглавно се наменети за проширување на производните капацитети.
Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на
повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.
Вработени
Во периодот јануари – септември 2019 година во Алкалоид се реализирани 127 нови вработувања во Република Северна Македонија. Со тоа на крајот на септември 2019 година во Алкалоид АД Скопје работат 1.576 вработени додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.112 вработени во групацијата.
Со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, одобрено е зголемување на нето платата на вработените за 5,2 отсто почнувајќи од 01.09.2019 година со што просечната исплатена нето плата за септември 2019 година достигна 46.686,00 денари.
Податоци за акциите
Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.500,00 денари
или просечно 8.955,70 денари за една акција. Пазарната капитализација на компанијата достигна 16 милијарди денари.
Бизнис план за 2019 година
Бизнис планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018 година предвидува инвестирање на околу 16 отсто од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7 отсто на консолидираните
продажби во однос на 2018 година како и раст од најмалку 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2018 година.
Согласно досегашните резултати, при непроменети услови на пазарите во кои фунционира Алкалоид, Менаџментот на компанијата проценува надминување на планираните продажби и планираниот профит за 2019 година.