Алиу: Има Министерство во кое платите се 30 проценти повисоки од оние во другите министерства

Драфт верзија на законот е испратена до Работната група, оваа и наредната недела ќе се анализираат сите можни решенија за плати, вели министерот за информатичко општество и администрација


Фото; Б. Грданоски

Мора да се донесе системско законско решение за платите во институциите на ниво на цела држава. Ако се оди на решавање случај по случај, само ќе се троши време и енергија и на крај, повторно, нема да се постигне потребната синхронизација, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, одговорајќи на новинарско прашање во врска со протестите на администрацијата во судовите и обвинителствата.

Според него, веќе е направена дисторзија на системот со оглед дека во различни институции ист профил на кадри има различни плати. Како пример, тој посочи дека „има Министерство во кое платите се 30 проценти повисоки од оние во другите министерства“. 

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), информира Алиу, има изготвено драфт верзија на законот која е веќе пратена до Работната група и оваа и наредната недела ќе се анализираат сите можни решенија за плати.

-Мора да работиме на закон за плати и да имаме системско решение за креирање и дефинирање на платите. Вака се прави дисторзија на системот и веќе е направена дисторзија. Гледате дека во различни институции ист профил на кадри има различни плати, дури се оди до таму и да има Министерство во кое платите се 30 проценти повисоки од оние во другите министерства. Значи, дисторзијата на плати е веќе креирана кај нас. Јас сум член на Работната група. Инсистирам да одиме на закон за плати во кој ќе има рамки и тогаш ќе се знае, односно ќе имаме јасна слика за сите институции. Вака ако одиме, на решавање случај по случај, и ќе трошиме многу енергија и време, а од друга страна, повторно на крајот, нема да бидеме синхринизирани како држава. Знам дека процесот за закон за плати е потежок, покомплексен. Ние, како МИОА, веќе имаме драфт верзија и таа е веќе пратена до колегите во Работната група. Оваа и наредната недела ќе ги анализираме сите можни решенија за плати, но ценам, ако лично ме прашувате, дека треба да имаме решение на ниво на држава за да бидеме сите задоволни и од тоа колкава ни е платата, како и од тоа дека таа плата не е различна меѓу исти работни позиции во различни инситуции, истакна министерот.