Алити: Агенција за кибер-безбедност е дел од решенијата за кибер нападите


Проблемот е во фактот што ние немаме Агенција за кибер-безбедност. Земјите кои добро се справуваат со кибер-нападите имаат посебна агенција која превенира, но, и кога се случуваат кибер-напади може за истите да дава решенија, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

На новинарско прашање пред јавната расправа за Нацрт верзијата на Националната ИКТ стратегија на Република Северна Македонија 2023-2027 година која се одржува во Клуб на пратеници, поврзано со нивото на соработка со надлежните институции за сајбер-безбедноста и последните случувања со лажните дојави за бомби, министерот одговори дека соработуваат, но, како што рече, проблемот е што РСМ нема Агенција за кибер-безбедност.

– Кај нас засега тоа се уредува од Министерството за внатрешни работи и тие, според нивните протоколи, стандарди и оперативни процедури ја завршуваат работата така како што ја завршуваат, рече тој.

Меѓутоа, дополни, „добра вест е тоа што и како министерство и како Влада сме одлучиле во што поскоро време да имаме Агенција за кибер-безбедност која ќе има одговорности да превенира вакви и слични напади како што се случуваат и со дојавите за бомби

Во врска со прашањето за заштита на деца на социјалните мрежи, тој посочи дека тоа е повеќе одговорност на министерството за образование.

– Меѓутоа во делот на дигитализација, ние, како што знаете, веќе имаме проект со ITU (International telecommunication Union) таму беше и министерот за образование, каде што потпишавме меморандум и се надеваме дека препораките кои ние, како министерство, ги дадовме во Министерството за образование за онлајн заштита на деца, тие ќе најдат начин да ги вметнат во образовниот систем, рече тој.