Алиоски ја продолжува кариерата во Фенербахче


 

Турција – Левиот бек на македонската фудбалска репрезентација Езѓан Алиоски ќе ја продолжи кариерата во турскиот гигант Фенербахче, објави клубот од Истанбул попладнево на социјалните мрежи.

Двете страни, како што се наведува, постигнале начелен договор кој треба да се официјализира по доаѓањето на Алиоски во Истанбул најавено за вечерва.

Алиоски ќе се пресели во Фенербахче како позајмен фудбалер од редовите на Ал – Ахли од Саудиска Арабија, чиј дрес го носеше изминатата сезона во која клубот го загуби прволигашкиот статус.

Фенербахче е шестиот клуб на Алиоски во кариерата, која 30-годишниот македонски репрезентативец ја почна во швајцарски Јанг Бојс, а негов последен клуб во Европа беше премиерлигашот Лидс.