Алијансата ќе ја руши ДУИ на крилјата на Курти


Изборите на Косово, кои донесоа значајни политички промени ставајќи ја опозицијата предводена од движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на чело, а потиснувајќи ги притоа првпат по завршувањето на војната политичките фигури што произлегоа од шинелот на УЧК, отворија низа дилеми во јавноста. И тоа не само околу решавањето на српско-косовското прашање, кое е исклучително важно за регионот, туку и за евентуалното влијание на тоа „стоп“ за бившите герилски шефови – двата тотема на УЧК, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, врз овдешните политички случувања, особено во рамките на албанскиот политички блок.

Исходот на изборите во Косово ја прекинува „папочната врска“ меѓу ДУИ, која исто така произлезе од воени униформи, поточно од ОНА по воениот конфликт во 2001 година, и Демократската партија на Косово, чиј основач е Тачи, а сега е предводен од претседателот на собранието Кадри Весели.

Претставува ли тоа сериозен хендикеп за ДУИ која несомнено ја уживаше поддршката на досегашните власти на Косово, чии заслуги не може така лесно да се исклучат од фактот што „интегративците“, слично на условите во Косово, се претворија во константа на македонската политичка сцена создавајќи впечаток во јавноста дека без нив не се може. Албанската опозиција е одушевена од ваквиот развој на настаните. Алијансата за Албанците подолг период не ги крие симпатиите кон Албин Курти, предводникот на Самоопределување и веројатно новиот премиер на Косово. Тој е чест гостин во Скопје. Во април дојде двапати јавно да изрази поддршка за претседателската кандидатурата на Блерим Река, кој инсистираше на тоа дека влегува во трката како независен кандидат, но поддржан и од Алијансата.

Главниот град го посети и пред три недели за време на неговата предизборна кампања. На настанот во Кинотеката на Македонија, Курти ги повика Албанците со косовско државјанство да отпатуваат во Косово и на денот на гласањето да го поддржат движењето Самоопределување. Во четвртокот, пак, на последниот негов митинг на плоштадот во Приштина присуствуваа и лидерот на Алијансата Зијадин Села и Блерим Река. Затоа и не чуди што во редовите на Алијансата, како што самите кажуваат, еуфорично се славела победата на Курти.

„Убеден сум дека исходот на изборите во Косово ќе има неверојатно позитивен импакт кај нас и дека на наредните избори ќе биде прекинато вечното владеење на ДУИ. Тоа е политичка структура која беше тесно поврзана со политичките лидери кои две децении управуваа со Косово, а кои произлегоа од УЧК. На сите избори, било парламентарни било локални, целата логистика за ДУИ доаѓаше од Косово. И тоа сите власти многу добро го знаат, но очигледно намерно замижуваат пред реалноста“, вели генералниот секретар на партијата Арбен Таравари, кој открива дека Блерим Река му бил професор на Курти на Косово.

Познато е дека Курти е левичар со потврди националистички ставови кои во последно време ги омекнува, можеби и од тактичка причина за да го зголеми гласачкото тело, додека Алијансата за Албанците е десноориентирана национална партија.

„Идеолошки сме различни, но го почитувам како принципиелен човек, идеалист кој безрезервно се бори против корупцијата и криминалот. Затоа не се случајни реакциите во Косово дека земјата се ослободила по вторпат. И во Косово и во Македонија луѓето беа заложници на одредена група политичари кои ја симнаа војничката униформа, но потоа ја злоупотребија својата политичка моќ. Секоја чест за луѓето кои чесно се бореле, но очигледно на граѓаните им е потребна нова реална политика, а не патриотски приказни. Неопходно е да се отвори нова перспектива, да се обезбеди владеење на правото, современ здравствен систем, образование, стандард“, вели Таравари, кој е убеден дека бившиот студентски лидер Курти ќе биде пример за овдешните власти како вистински и принципиелно се води битката против криминалот и корупцијата, а во тој дел не сака ни да зборува за Албанија каде што, како што вели, состојбата е ужасна.

Поранешниот пратеник од редовите на ПДП, Насер Зибери, пак, не е убеден дека ќе се реализираат очекувањата на Алијансата дека бранот на промените од Косово ќе ја „поклопи“ и Северна Македонија ниту, пак, очекува некаква промена во генералната политика меѓу двете земји.

„Односите меѓу Косово и Северна Македонија се на добро ниво. Освен одредените проблеми кои се јавија околу трговската размена, кои сметам дека се повеќе од техничка природа, немаме друго отворено сериозно прашање. Овдешната албанска опозиција очекува некаков домино ефект, но секое политичко организирано општество има свои специфики. Дали опозицијата ќе успее да ја прекине доминацијата на ДУИ ќе зависи од многу околности. Политиката не е математичка операција“, вели Зибери.

Пред Курти сега се надвиснати два предизвика – да одговори на барањата на граѓаните на Косово, но и на меѓународната заедница која инсистира на решение на спорот со Србија. Курти во интервју за виенски „Стандард“ пред изборите рече дека ако стане премиер во првата недела до мандатот ќе почне дијалог со Србите на Косово.

„Тоа досега не го направи ниту еден премиер, но е многу важно. Во првиот месец мораме да видиме каде се наоѓаме по 33 договори кои досега ги заклучивме со Белград. А потоа се радувам на средбата со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел. Сеедно ми е дали е од Шпанија, земја која не го призна Косово“, рече Курти.

Најави и укинување на таксите, кои, како што кажа не се негова политика. „Ние таксите ќе ги замениме со принципот на реципроцитет. Белград, на пример, мора да ги прифати нашите таблици и документи, на кои стои Република Косово“.

Запрашан зошто Приштина би требало да потпише договор со Белград, Курти одговара дека добрососедските односи се важни и дека без меѓусебно признание нема членство во ЕУ.

„Јас сакам сите шест земји на Западен Балкан во една деценија, сите заедно да влезат во ЕУ“, нагласува Курти.

На прашањето дали и натаму е за обединување со Албанија, одговори дека луѓето би гласале за таква опција доколку има референдум.

„Меѓутоа референдумот не дозволен. Затоа ќе го почитувам Уставот додека еден ден не бидеме во можност тоа на мирен и демократски начин да го промениме. Но, тоа нема да уследи во брзо време“, објасни Курти.

 Од борба со солзавец до фотелја

Движењето Самоопределување беше создадено во 2005 година. Оттогаш до денес тие не престанаа со најразлични акции против косовските влади, како и против дел од меѓународните мисии на Косово. Важат, како што велат тамошните аналитичари, за многу организирани и креативни, особено имаат поддршка кај младите, па затоа и лесно досега извршиле стотина акции. Вниманието го привлекуваа на секаков начин – од жестоки протести, преку гаѓање со јајца на досегашните политички водачи во парламентарната сала, до фрлање солзавец, за што се водеше и судски процес против Курти, кој од опозиционер кој беше против преговори со Србија се промовира во премиер со желба за разговор.

За време на бомбардирањето на НАТО, Курти остана во Приштина до 27 април 1999 година, кога српската полиција го уапси. На 10 јуни, со повлекувањето на српските сили во Србија, тој беше префрлен во српските затвори заедно со други албански затвореници. На 13 март 2000 година во Ниш, Курти беше осуден на 15 години затвор. Како резултат на меѓународниот притисок беше ослободен на 7 декември 2001 година.

Наум Котевски