Алијансата и Алтернатива нема да дозволеле да се одложи пописот


(Фото: Б. Грданоски)

Албанската опозиција ќе направи сѐ да не се одложи пописот, како што вчера се договорија Зоран Заев и Христијан Мицкоски во консултација со нивните коалициски партнери и претседателот на државата. Двајцата лидери на коалицијата, Зијадин Села и Африм Гаши, на денешната прес-конференција изјавија дека ќе ги искористат сите политички механизми што им стоеле на располагање за да не се донесе законот за одложување на пописот.

„Ние како коалиција стоиме цврсто на ставот дека пописот не може и не треба да се одложува. Имаше препораки од ОН да не се спроведува попис во време на пандемија, но Владата не слушаше и сега на веќе започнат попис, којшто трае веќе еден месец, сакаат да го прекинат. Ние ќе го спречиме ова“, рече Гаши.

Тие се лути што за вакви прашања разговарале само Заев и Мицкоски, но според Гаши во тоа имало и добра вест: „За Заев се потврди дека не е тешко да се договара со Мицкоски, иако долго велеше дека само со Мицкоски не може да се договара. Тоа е добро“.

Села, пак средбата ја оцени како разговор „меѓу премиер и некојси лидер на опозиција“.

„Нема да дозволиме од граѓаните да се направат експериментални глувци, на што наликува договорот на Заев и Мицкоски. Тоа е нивно договарање, ама за пописот има закон кој треба да се почитува“, изјави Села. Тој тврди дека „не може да договараат кои било поединци одложување на попис, воведување на нови дефиниции во Законот за попис кој е во сила и е почнат“.