Алијансата и Алтернатива ќе протестираат заради полнење кутии на изборите


Фото: Б. Грданоски

Алијансата на Албанците и Алтернатива ќе одржат протестен марш со порака „Доста е“, со цел да го изразат револтот против злоупотреба на гласовите и полнење на кутиите на изборите, најави генералниот секретар на АА , Арбен Таравари во отвореното студио на ТВ 24. Протестот ќе се одржи во понеделник и ќе почне од скопски Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија.

„Пораката ќе биде доста е веќе со полнење на кутии. Оставете го народот сам да си гласа, да си ја изрази политичката определба и волја. Не ги злоупотребувајте гласовите и не гласајте по неколку пати“,

изјави Арбен Таравари, генерален секретар на АА.
Таравари обвини дека ДУИ направиле изборен инженеринг и дека најочигледен пример каде имало кражба на гласови и полнење кутии бил Зајас каде имало дури 80% излезност, а според нивни сознанија гласале и починати и отселени лица. Коалицијата АА/ А поднела повеќе тужби пред Управниот суд, но не очекуваат позитивен исход, затоа што меѓу судиите е и Субхи Јакупи, поранешен член на ДИК од ДУИ.

Во однос на преговорите за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламенатрното мнозинство.

„Сите математики се можни. Се што прави 61, каде што ДУИ не е дел од Влада, ние сме тука. Мислиме дека и кај Албанците треба еднаш да се случи промена, после 18 години“,објасни Таравари.