Алијансата и Алтернатива го затрупаа со амандмани законот за одложување на пописот, не помина ниту еден
Како што и најавија коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива го затрупаа со амандмани предлог-законот за одложување на пописот. Денеска попладнево заврши расправата во Комисијата за европски прашања за која била доставени повеќе од 100 амандмани од АА/А, а како што изјави претседателот на комисијата Арбер Адеми од ДУИ, по 15 часот биле доставени уште. Пратеникот од Алијансата, Елми Азири, за ТВ 21 изјави дека биле доставени 200 амандмани за пописот, а ниту еден за Изборниот законик.
„Сто и еден амандман беа доставени до 15 часот, имаше и други по 15 часот, а сите од формален аспект не беа уредни. Како претседател на Комисијата за европски прашања добив писмо, известување од претседателот на Собранието Талат Џафери дека дел од амандманите не се уредно доставени бидејќи биле запишани имињата на пратениците од опозицијата, а во најмногу од нив, потпишани само од двајца или од еден пратеник, а треба од сите наведени имињата на партениците“, изјави Адеми.
Имало и три амандмани уредно доставени од Левица, но не беа поддржани од членовите на Комисијата. Без ниту еден глас „за“, сите биле против или воздржани за амандманите на Левица.
Утре изутрина расправата се префрла во Законодавно-правната комисија, а ако сѐ тече во нормална процедура за предлог-измените на Законот за пописот во текот на денот ќе има и пленарна седница на Собранието.