Алијанса за Албанците: Aлбанскиот јазик да стане задолжителен и за Македонците

Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива е против новиот концепт за основно образование, со кој албанскиот јазик е наведен меѓу изборните предмети. Според опозициската коалиција, владата со ова хибридно решение се обидува да го прикрие предизборното ветување дека во рок од 100 дена од владеењето албанскиот ќе стане задолжителен предмет за учениците неалбанци, почнувајќи од петто одделение.

„Ние како коалиција Алијанса – Алтернатива потсетуваме дека ветување на ДУИ беше дека албанскиот јазик ќе се изучува како задолжителен, а не како изборен предмет, како што најави министерката Царовска. Со оглед на тоа што со новиот концепт ќе имаме повеќе од 20 изборни предмети, веројатноста учениците да изберат албански јазик е во многу мал процент, да не речам нула. Ако се мисли дека со ова решение се официјализира албанскиот јазик, се поставува прашањето зошто македонскиот јазик треба да биде задолжителен за учениците Албанци? Зошто и за учениците Албанци македонскиот јазик да не биде изборен предмет?“-праша денес  Бујаре Абази од оваа партија.