Алиби играта во вториот дел ја однесе Македонија во пораз против Украина

Македонија загуби со 3.2 на домашен терен од Украина по одличното прво полувреме и калкулантската тактика во вториот дел која го отвори патот кон поразот


Фото: Б. Грданоски

 

Македонија загуби уште еден меч според шаблонот што сме го гледале многу пати на градскиот стадион во Скопје. Фудбалерите и стручниот штаб помислија дека предноста од 2:0 на полувремето во натпреварот со Украина помислија дека веројатно се доволно и имаат доволно умешност да ги зачуваат во вториот дел, но тоа беше лажна погрешна пресметка, како што се испостави на крајот. 

Украина ја победи Македонија со 3:2 со три гола постигнати во второт полувреме, откако македонските фудбалери им препуштија сѐ на Украинците – и теренот, и играта, и амбицијата за гол, и енергичноста во дуелите.

Тоа се виде уште во првите минути на второто полувреме кога македонските фудбалери се откажаа од намерата да играат како што го правеа тоа во првиот дел – полетно, ангажирано и енергично и доминираа на теренот. Обидите да се контролира резултатот со пас игра околу средината на теренот, со минимална желба да се оди кон украинскиот гол мнопгу брзо се покажаа јалови и недобро осмислени. Според она што изгледаше на теренот, Украинците брзо сфатија дека нивните домаќини се подготвени да се заклучат на својата половина и да се обидат да го чуваат резултатот. И ја презедоа иницијативата, сфаќајќи дека домаќините сами им го понудија теренот и играта.

Фото: Б. Грданоски

И брзо стигнаа два гола, а подоцна и третиот. Во меѓувреме и Висар Муслиу го доби вториот жолт картон, па македонија со 10 играчи и мала амбиција речиси и да немаше шанса.

А првото полувреме беше сосема друга приказна – македонските фудбалери знаеја што сакаат во играта, знаеја како да ги комбинираат акциите, Украинците беа речиси невидливи. Прво Барди даде гол од пенал, а потоа Елмас со еден чудесен шут го цементираше водството од 2:0. Потоа и Алиоски имаше извонреден слободен удар.

Второто полувреме донесе потоп со головите на Забрни, Конопља и Циганков. Уште по првиот погодок на Украинците се гледаше дека Македонците го изгубија ритамот, играта стануваше конфузна, а се гледаше и стравот дека се можни уште голови на противникот. И така и се случи.

Со ваква игра како од второто полувреме навивачите со право уште денес стравуваат како ќе изгледа мечот со Англија во среда во Манчестер. Штета, беспотребно дадена победа. Најмногу поради лошата тактика и уверението дека може да се сочува водството со алиби игра. (Н.В.)