„Алибаба“ потфрли – приходите во вториот квартал под очекувањата


„Алибаба“, која со години имаше рекорден промет за време на шопинг настанот Ноемвриски ден на самците, годинава забележа значително послаба продажба.
Приходите на кинеската „Алибаба груп“ во вториот квартал не ги исполнија очекувањата на пазарот бидејќи забавувањето на потрошувачката во Кина и нарушувањата во синџирот на снабдување го погодија секторот за е-трговија, според објавените финансиски резултати на компанијата.

Вкупниот приход се зголеми за 29 отсто на 200,69 милијарди јуани (31,44 милијарди долари) во кварталот што заврши на 30 септември, објави CNBC, додавајќи дека добивката паднала за 38 отсто на годишно ниво на 11,20 јуани по акција (1,75 долари), пренесува Business Telegraph.
Пазарните аналитичари очекуваа просечен приход од 204,93 милијарди јуани (32,1 милијарди долари) и профит од 12,36 јуани по акција (1,93 долари), според Refinitiv, компанија која собира, анализира и дистрибуира финансиски показатели.

„Ројтерс“ јавува и дека деловните резултати на „Алибаба“ потфрлија во вториот квартал од фискалната година и дека по објавувањето на извештајот, акциите на „Алибаба“ кои котираат на берзата во Њујорк, годинава изгубиле 30 отсто од вредноста, а пред денешното тргување на Волстрит потонаа за 2,4 отсто, пишува Business Telegraph.

Големите кинески технолошки компании, додава британската агенција, се исто така под притисок од построгите прописи донесени од кинеските регулатори, наведувајќи ги антимонополските и безбедносни причини.

„Алибаба“, која имаше рекорден промет со години за време на шопинг настанот за Денот на самците во ноември, оваа година забележа значително послаба продажба во вкупна вредност од 540,3 милијарди јуани (84,54 милијарди долари) во бруто вредност на стоката. Приходите на „Алибаба“ од вкупниот износ остварен за време на Денот на самците не се вклучени во финансискиот извештај за кварталот завршен во септември, забележува CNBC.