Али Ахмети се раздели од Артан Груби во врвот на ДУИ

Нов организациски секретар е градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Бунтовниците од „огнената група“ добија и други функции. Незадоволството засега е смирено


 

„Расплетот“ во ДУИ на денешниот Централен совет траеше побрзо од она што веројатно се очекуваше – само еден час. Собирот избра нови членови на врвното раководство, во кое веќе го нема Артан Груби како организациски секретар, што претставува една од отстапките на Али Ахмети пред барањата на бунтовниците од „огнената група“. На негово место е избран градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Нови четворица потпретседатели се Бајрам Реџепи од Тетово, Изет Меџити од скопски Чаир, Арбер Адеми од Куманово и Арбана Пашоли од Дебар.  За генерален секретар е избран Фатон Амети, а секретар за родова застапеност Саранда Имери.

Но Артан Груби останува член на Централното претседателство кое брои 31 член. Во него се и другите министри – Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, како и Теута Арифи, Невзат бејта, Рамиз Мерко, Талат Џафери…

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, изборот на новото партиско централно го објасни со важноста да има регионално претставување за да се постигне инклузивност. 

Османи објаснуваше дека за отчетноста членовите кои се во извршната власт се зборувало секојдневно.

„Отчетноста е наша постојана задача. Ние отчетност даваме пред сѐ пред вас, пред јавноста и тоа го правиме најредовно можно. Но, се разбира, имаме должност да бидеме отчетни и кон органите на партијата коишто нѐ предложиле“, истакна Османи.

Тој објасни како течела вчерашната координација за денешната седница. „Вчера останавме 6-7 часа и претходно индивидуални средби на Ахмети со сите региони. Така што, ова само зборува за добро подготвен состанок, а не зборува за некаква неактивност на членовите. Тоа што можело да се земе предвид е земено предвид и денеска имаше предлог којшто е консензуален, којшто ги задоволува сите и така ја добива поддршката на сите членови“, рече Османи.

За време на состанокот немаше поголема дебата, а при избор на членови на претседателството, Талат Џафери побара уште еден потпретседател за гостиварскиот огранок. Претседателот Ахмети тоа го стави на гласање, но не доби поддршка, а Османи го оцени како неможно поради статутарни ограничувања.

Османи им порача на другите партии како да земат пример од ДУИ и да учат од неа. „Да бидам нескромен би им кажал на другите партии да земаат малку да учат од ДУИ, од тоа како се прави демократија овде – преку широк консултативен процес, преку можност да се даде право секој да си го каже своето мислење па ако треба и јавно тоа да си го каже, бидејќи на тој начин најдобро институционално се канализира енергијата внатре. ДУИ има лидер којшто може да ја одржи партијата жива, динамична и да ја адаптира на современите околности и има внатрешен капацитет да различните погледи ги става во функција на една синергична активност на партијата за да добие поддршка на избори“, рече Османи.

Околу 120-те членови на Централниот совет на ДУИ во Тетово за нешто повеќе од еден час го завршија состанокот.  Изборот на партиските функционери се направи по предлог на претседателот Али Ахмети кој ги прочита предлозите и ги стави на гласање. (Н.В.)