Али Ахмети: Победи концептот за консезуална демократија


Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети му ја честиташе победата на Стево Пендаровски и оцени дека станува збор за триумф на концептот за консензуална демократија. Според него тешко било да се спроведе тој концепт и да се објасни пред јавноста, но бил единствен пат за одење напред.

-Консензуалната демократија е основен принцип од Охридскиот рамковен договор и единствена алтернатива која ќе не носи на патот кон НАТО и почнување преговори со Европската унија. Овој концепт не зближува со меѓународната заедница, а се спротивно ќе значеше состојба во која другите земји ќе сметаат дека не сме подготвени како земја да започнеме преговори-рече Али Ахмети.

Според лидерот на ДУИ, опозоцијата кај Албанците тргнала по погрешен пат.

-Вознемирен сум што нивниот бојкот и што одлучиле да одат по други погрешни патишта кои ја оддалечуваат земјата од евроатлантските структури, рече Ахмети.

Тој посочи дека неговата партија, како и другите субјекти на Албанците како ДПА, Алтернатива и НДП се клучни за гласовите на Албанците.

-Според неофицијалните информации обезбедени се од 100 до 130 илјади гласови на Албанците за победата на Пендаровски. Идниот претседатеl треба да ја има во предвид волјата на сите граѓани и да биде дел од процесите за зачленување на земјата во НАТО и ЕУ, вели Ахмети.