Ален Делон претрпел мозочен удар 


Швајцарија– Францускиот актер Ален Делон (83) претрпел мозочен удар пред неколку недели и моментно одмора во Швајцарија, потврди неговиот најстар син Ентони Делон (54).

Тој рече дека неговите витални функции се добри и лекарите потврдиле дека е стабилен. Неговиот син, исто така, истакна дека Делон бил на операција во Париз и останал на интензивна нега три недели.

„Целото семејство беше со него, мојот брат, сестра ми и мајка ми Натали“, рече Ентони и додаде дека неговиот татко потоа отишол во Швајцарија за да одмори во приватна клиника.

Неодамна се појавија коментари дека актерот претрпел мозочен удар, меѓутоа неговото семејство не сакаше да го потврди тоа, тие рекоа дека е во болница поради главоболки и вртоглавица.

Ѕвездата на филмовите „Роко и неговите браќа“, „Самурај“, „Гепард“ и „Господин Клајн“, е добитник на почесната „Златна палма“ на годинешниот Кански фестивал, што се одржа 14 до 25 мај.

– Станува збор за жива легенда, за глобална икона, изјави директорот на Канскиот фестивал, Тери Фремо, соопштувајќи ја одлуката на жирито за доделување на наградата на Делон.

Делон се прослави со улогата на Том Рипли во филмот „Во зенитот на Сонцето“ од 1960 година, а три години подоцна беше номиниран за „Златен глобус“ за ролјата во „Гепард“.

Во 1968 година Делон беше осомничен за убиство на неговиот телохранител, југословенскиот државјанин Стевица Марковиќ, кого го запознал за време на снимањето на филмот „Марко Поло“ во Белград. Поради недостиг на докази, Делон подоцна беше ослободен од обвинението.