Александар Вучиќ и шпионскиот свет: Србија е денес како Казабланка


 

Србија деновиве е како Казабланка, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на церемонијата на Безбедносно информативната агенција (БИА) по повод 20-годишнината од формирањето на оваа агенција. Тој изјави дека кога во Србија има гости од Русија, таму се припадници на западните служби да ги следат и обратно.

„Целосно не по наша вина, вовлечени сме во маѓепсан круг од кој се чини дека нема излез“, рече Вучиќ, зборувајќи за кризата предизвикана од војната во Украина, пренесува белградскиот весник „Данас“.

Тој додаде дека сите дале мислење за планот на германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во врска со Косово, но никој не го прочитал.

Вучиќ рече дека ќе почека со објавувањето на тој план бидејќи не сака планот некое време да биде во јавноста.

„Никој нема поим што пишува во него“, рече тој.

Вучиќ рече и дека воведувањето санкции нема да биде доволно и дека тоа „служи како влажен чекан да нѐ удри на сите форуми бидејќи тие не можат да бидат посилни од себе“.

„По неколку дена би ни кажале дали сте на вистинската страна на историјата, што, всушност, значи да се биде на нивна страна. А таа вистинска страна вели ‘откажи се од Косово затоа што само така ќе добиеш мал подарок, за кој нема да ти кажеме кој е подарокот и што е, но секако е мал подарок’“, рече тој.

Има отворени закани за опстанокот на целата наша земја, рече тој, додавајќи дека првпат вака отворено зборува.

Тој рече и дека не е доволно и решавањето на проблемот со бегалците по барање на ЕУ.

„Да воведеме санкции бидејќи им пречи што има земја која има право на свое мислење“, рече претседателот на Србија.

Наведе и дека оние кои се за и против санкции не размислуваат кои се интересите на Србија, бидејќи едни би сакале да им се додворуваат на западните амбасади, а други имаат априори херојски став, но би го спроведувале преку туѓ грб.

Запрашан за изјавата на министерката Зорана Михајловиќ дека Србија мора да ги осуди злосторствата на руската армија, тој рече дека Србија ги осудува сите злосторства, вклучително и оние што ги прават припадници на нашата земја, а камоли од други.

„Што се однесува до таквите работи, тоа е прашање на владата на Србија, но и на нашите внатрепартиски органи“, изјави тој.