Александар Трајковски – човекот кој ја „урна“ Италија


Александар Трајковски, фудбалерот кој синоќа го постигна единствениот гол за Македонија на натпреварот против Италија за квалификации на Светското првенство во Катар, слободно може да се нареќе херој.

За него денеска пишуваат сите медиуми во регионот, но и во Европа и во светот. Трајковски (29), во моментот игра на позицијата лево крило во саудиски Ал-Фајх. Трајковски, кого „Трансфермаркет“ го цени на 350.000 евра, одлично заби од 20 метри далечина на италијанскио тоглман Донарума, кого истиот извор го цени на 65 милиони евра.

Трајковски ја почна својата кариера во Цементарница 55 во сезоната 2009-10 каде од младинскиот тим беше префрлен во првиот тим. Одличните игри на Трајковски го привлекоа вниманието на хрватскиот клуб Интер Запрешиќ, во чии редови премина на крајот од сезоната, кога имаше само 17 години и не можеше да игра сè додека не наполнил 18 години.

17-годишниот Трајковски во Запрешиќ

Добрите игри на Трајковски во хрватскиот клуб во вториот дел од сезоната 2010-11 го привлекоа вниманието на Динамо Загреб и Андерлехт, кој достави понуда до Интер Запрешиќ од 500.000 евра, но понудата била одбиена. Сепак, Трајковски на крајот на сезоната потпиша за друг белгиски клуб, Зулте Варегем кој за него плати 1,1 милиони евра.

Во летото 2015, Трајковски потпишува петгодишен договор со италијанскиот клуб Палермо. Својот прв погодок за „сицилијанците” го постигна на 2 декември 2015, во поразот со 3-2 на домашен терен од Алесандрија во четвртото коло од Купот на Италија.

Македонскиот јунак, покрај за Палермо играл и за Мехелен, Мајорка, Алборг и за споменатиот саудиски клуб.

Најистакнат беше во Палермо, каде во 113 настапи постигна 20 и намести 16 гола, па во Варегем, за кој во 96 натпревари заби 13 и асистираше на 11 гола.

Трајковски уште по нешто докажа дека е специјалист за Италија. Во 71 настап за Македонија постигна 19 гола. Меѓу нив и синоќешниот гол во Палермо, оној за кој зборува светот, затоа што ја исфрли Италија од борбата за Светското првенство.

Но, и пред пет години Трајковски против Италија постигна важен гол, исто така во квалификациите за СП. Тогаш во Торино му даде гол на Буфон за 1:1. Потоа, италијанците мораа да одат на дополнителни квалификации за СП 2018, каде изгубија од Шведска. Сега пак, Трајковски директно ги исфрли од патот за СП 2022. Италија така, благодарение на Македонецот два пати со ред пропушта учество на Светските првенства.