Александар Прокопиев пишува и за деца- промоција на сликовницата „Танцот на шарените шамичиња“


Новата сликовница „Танцот на шарените шамичиња“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев ќе биде промовирана на 16 јануари (понеделник), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Илустрациите се на Сања Симоска, а уредничка на книгата е Оливера Ќорвезироска.
Сликовницата, која е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“, е дел од новата едиција „Љубов на прв збор“.
Приказната во „Танцот на шарените шамичиња“ почнува кога едно свилено шамиче ќе ѝ се налути на мајка си и тргнува низ светот да бара дете на кое му тече носот…
Низ лирска, алегорична приказна за шамичето кое доживува брза и ненадејна слава, а сепак мечтае да си остане тоа што е, авторот ги соочува децата со фантазиите и сништата за иднината, поддржувајќи ги да мечтаат, но и подучувајќи ги никогаш да не се откажуваат од себе, од своите блиски и од тоа што во суштината се.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.