Александар Николоски – алтернативен шеф на дипломатијата или дури алтернативен премиер?

Министерот за транспорт често ги претставува дипломатските приоритети на земјата, силно ја критикува ЕУ, кажува кои се чесни, а кои нечесни раководители на Унијата


Христијан Мицкоски и Александар Николски на одбележувањето на 100-те дена Влада на 1 октомври (Фото: Б. Грданоски)

 

Паметиме во долгите години на спорот со Грција владата во Атина секогаш имала министер за надворешни работи и алтернативен шеф на дипломатијата. Нивните улоги беа исти или слични. Главната задача им е да ја конципираат надворешната политика на Грција.

Во новата македонска влада се конципира една таква улога, само што министрите се од два различни ресори – во дипломатијата и во транспортот.

Вицепремиерот и министер за транспорт, како и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски, сѐ почесто се појавува како некаков алтернативен шеф на дипломатијата, а во некои случаи дури и како алтернативен премиер, објаснувајќи каде оди Европската унија, кои се чесни и нечесни политичари во Унијата, дали таа знае каде оди, како течат преговорите за пристапување. Тој дури често излегува од улогата добро позната во политиката – еден го глуми „лошиот“, а друг „добриот“. Дали тоа им создава нелагодност на премиерот и министерот за надворешни работи сѐ уште не можеме да дознаеме.

Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 во четвртокот тој ги нареди во графата „нечесни“ сите политичари кои дојдоа на чело на Унијата по поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер откако тој замина во 2019.

Тој не верува ниту во ветувањата на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос дека ЕУ има реален пристап кон проширувањето. Николоски рече дека од чекањето за почнување на преговорите со ЕУ државава има корист, а тоа е националната гордост.

„Користа од чекањето е зачувување на националната гордост. Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. Јас стојам зад тоа што сум го зборувал дека проблемот е малку поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји членки повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар којшто беше чесен во однос на процесот, беше политичар којшто од овие другиве коишто се нечесни беше исправен. А тоа е Жан-Клод Јункер којшто беше претседател на ЕК. Тој беше доволно чесен да ни каже на сите дека проширување нема да има“, рече Николоски во гостувањето во „Само интервју’’ на Канал 5.

Жан-Клод Јункер ја даде изјавата за пауза во проширувањето во 2014 година, една година по приемот на Хрватска, што значи дека таа „пауза“ завршува на крајот од годинава.

Неколку години подоцна, во 2018, Јункер во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент за „Состојбата на ЕУ“ рече дека „мораме да го дефинираме на неотповиклив начин нашиот однос кон зачленувањето на земјите од Западен Балкан, во спротивно други ќе го обликуваат нашето непосредно соседство“.

Во својата оценка дека земјите од регионот се заглавени Николоски рече:

„Гледате што ѝ се случува на Србија, таа доби вето. Грција веќе најавува вето за Албанија. Црна Гора преговара, заборавивме од кога. Турција преговара, заборавивме од кога. Сѐ е јасно“.

Утредента амбасадорите на ЕУ ги демантираа овие наводи на Николоски донесувајќи одлука да се затворат три преговарачки поглавја со Црна Гора, а да се отвори ново со Албанија. Тие ќе се официјализираат на меѓувладините конференции во понеделник и вторник. Во вторник македонскиот премиер Мицкоски ќе биде во Брисел на редовниот самит ЕУ-Западен Балкан и ќе може да им честита на неговите колеги од Подгорица и Тирана.

Николоски рече дека во мандатите на претходните двајца еврокомесари за проширување немаше прием на нови членки, а не е уверен ниту во ветувањата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.

„Не го гледам тоа. Не го гледам затоа што нема такви чекори. Нашата надеж е фер однос, а ако ова навистина е последно како што ни се вели, дај да направиме да е последно“, рече Николоски околу предлогот на владата за уставни измени со одложено дејство.

Премиерот Христијан Мицкоски во саботата ја продолжи оваа реторика на Николоски околу ЕУ, надградувајќи ја со оценката дека ЕУ веќе не знае не знае каде треба да оди.

„Ако од Брисел се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот, секогаш сме тука позитивно да одговориме на таквото барање. Во спротивно, можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел“, рече тој.

Според него, „ние сме под чадорот на ЕУ и бидејќи таму има политичари во Брисел кои одлучија да бидат заложници на политичари кои сè уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21. и 22. век, ние немаме намера да правиме повеќе отстапки додека сме влада. Ако си најдат некоја друга влада, нека си ја донесат, нека си прави таа отстапки“, рече премиерот.

Тој дури даде оценки каде оди ЕУ, дека таа го на некој начин го загубила правецот по разните вета (мислејќи главно на проширувањето, но веројатно не и на бројните блокади што ги правуи Унгарија околу финансирањето на ЕУ и помошта на Украина). Мицкоски додаде дека ветото станало секојдневие во ЕУ, а тоа ја водело ЕУ таму каде што не треба.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, исто во саботата, ја продолжи оваа реторика на Николски, откако неодамна во Брисел се трудеше да претстави помек тон во односите со ЕУ, претставувајќи се како дипломат со кого може да се разговара.

„Безбројни отстапки се даваат за реализација на едно исто ветување, дека ќе се движиме напред кон ЕУ, но повторно гледаме реактуелизација на ветото. Тоа што ние го очекуваме и што го зборуваме пред лидерите на ЕУ, земјите членки и сите наши стратешки партнери, е дека треба да исцртаме јасен пат за тоа како ќе се движат нашите преговори кон полноправно членство. Што е тоа што се очекува од нас и што е тоа што треба да го направиме за да имаме предвидлив и извесен пат“.

Тој дури вели „решението ќе биде тешко да се изнајде, но мора да биде базирано врз основа на принципите кои ние ги претставуваме“, како ЕУ да нема свои принципи и правила. Муцунски, сепак, е малку померен од Николоски и рече дека не верува оти „ЕУ сака повторно да биде ставена во ситуација да има сомнеж кај кандидатите дека не е искрена во намерите“.

И Муцунски, и Мицкоски, и Николоски често нагласуваат дека тие ги исцртале своите позиции уште во кампањата за изборите, па тоа станало и дел од владината програма.  И тројцата врвни раководители нагласуваат дека тоа го имале во изборната програма, па сега бараат ЕУ да се откаже од своите правила и да се гласа со квалификувано мнозинство. А за да се донесе таква одлука потребна е едногласност.

Муцунски бил убеден дека сите граѓани на државата „немаат веќе капацитет за нови билатерални отстапки кои беа безбројни во изминативе 30 години“. Но притоа, како и Мицкоски и алтернативниот шеф на дипломатијата, Николоски, не кажуваат каде би одела Македонија во тој случај; колку би стоела во место и каков би бил нејзиниот равој и перспективите за нејзините граѓани за иднината. (Љ.П.)